Недостигот од судии и судски службеници и понатаму сериозно влијае врз ефикасноста на судството. Македонските судови во периодот април–јуни 2026 година не успеале да го совладаат приливот на нови предмети, па кварталот го завршиле со 2.127 повеќе нерешени предмети отколку што имале на почетокот.
Податоците беа презентирани на денешната седница на Судскиот совет, на која беа усвоени тримесечните извештаи за работата на судовите.
Судовите вториот квартал го започнале со 147.288 нерешени предмети, а во текот на периодот примиле уште 121.909 нови предмети. Вкупно во работа имале 269.197 предмети, од кои решиле 119.782. На крајот на јуни останале 149.415 нерешени предмети.
Поради тоа, работата на судовите на ниво на државата е оценета како неажурна, а меѓу главните проблеми повторно е издвоен недостигот од судски службеници.
Управниот и Вишиот управен суд неажурни
Меѓу највисоките судови, како неажурни се оценети Управниот и Вишиот управен суд. Вишиот управен суд, со шест судии од предвидени 13, кварталот го завршил со 2.767 нерешени предмети.
Управниот суд, пак, со 26 судии и пополнетост на судската служба од 39,05 проценти, на крајот на кварталот имал 5.528 нерешени предмети.
Врховниот суд е оценет како ажурен и покрај тоа што функционира со 14 од предвидените 28 судии.
Битолското подрачје со недостиг на кадар
Во апелационото подрачје Битола, ажурни се Апелациониот суд Битола и Основниот суд Охрид, додека како неажурни се оценети основните судови во Битола, Крушево, Прилеп, Ресен и Струга.
Апелациониот суд Битола работи со девет од предвидените 25 судии и со пополнетост на судската служба од 35,19 проценти. И покрај тоа, судот ја задржал ажурноста, а во образложението се наведува дека придонело и времено упатување судии од Гостивар.
Основниот суд Битола има 12 од предвидените 25 судии и кварталот го завршил со 7.468 нерешени предмети. Во Крушево работат еден матичен и еден времено упатен судија, а судот останал со 530 нерешени предмети.
Основниот суд Охрид, иако работи со седум од предвидените 18 судии и двајца делегирани судии, е оценет како ажурен.
Основниот суд Прилеп, со осум судии и тројца делегирани судии, кварталот го завршил со 9.149 нерешени предмети, додека Основниот суд Струга, со четворица судии и тројца делегирани, останал со заостаток од 9.115 предмети.
Штипското подрачје – Берово практично не функционира
Во апелационото подрачје Штип, ажурни се основните судови во Виница, Делчево, Свети Николе и Струмица. Како неажурни се оценети судовите во Берово, Кочани, Радовиш и Штип, како и Апелациониот суд Штип.
Апелациониот суд Штип работи со 10 од предвидените 16 судии и кварталот го завршил со 2.106 нерешени предмети.
Особено тешка состојба е констатирана во Основниот суд Берово, за кој на седницата било посочено дека практично не функционира поради недостиг од судии и друг стручен кадар.
Основниот суд Струмица, со 12 од предвидените 20 судии, успеал да го намали бројот на нерешени предмети на 3.319. Основниот суд Кочани кварталот го завршил со 3.179 нерешени предмети, додека во Радовиш е евидентиран значителен недостиг на кадар, со пополнетост на судската служба од 31,82 проценти.
Гостиварско подрачје: Тетово со над 21.000 предмети во работа
Во гостиварското апелационо подрачје, единствено Основниот суд Гостивар е оценет како ажурен. Неажурни се Основните судови Дебар, Кичево и Тетово, како и Апелациониот суд Гостивар.
Апелациониот суд Гостивар работи со 10 од предвидените 16 судии и кварталот го завршил со 850 нерешени предмети.
Основниот суд Гостивар е меѓу ретките судови кои успеале да го совладаат приливот на предмети. Од вкупно 12.523 предмети во работа, судот решил 6.394, со што заостатокот го намалил на 6.129 предмети.
Најголем обем на работа во ова апелационо подрачје имал Основниот суд Тетово, со повеќе од 21.000 предмети во работа. Кварталот го завршил со 8.346 нерешени предмети.
Скопје: Граѓанскиот суд со најголем заостаток
Во најголемото, скопско апелационо подрачје, како ажурни се оценети Апелациониот суд Скопје, Основниот кривичен суд Скопје и основните судови во Велес и Кратово.
Апелациониот суд Скопје, и покрај пополнетоста на судската служба од само 21 процент, е оценет како ажурен и кварталот го завршил со 7.488 нерешени предмети.
Најголем заостаток во државата има Основниот граѓански суд Скопје, кој на крајот на кварталот имал 24.298 нерешени предмети. Судот работи со 56 од предвидените 77 судии.
Основниот кривичен суд Скопје е оценет како ажурен. Во вториот квартал решил 22.962 предмети од вкупно 43.572 предмети во работа.
Како неажурни се оценети и основните судови во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово и Неготино, додека ажурни остануваат судовите во Велес и Кратово.