Медицински хеликоптер синоќа се урна во морето кај островот Каталина, во близина на Лос Анџелес. Во несреќата загинаа две лица, две се пренесени во болница, а по едно лице сè уште се трага, пренесува АП.
Џонатан Торес од противпожарната служба на округот Лос Анџелес ја потврди смртта на две лица и транспортот на две повредени лица во локалните болници. Супервизорката на округот, Џенис Хан, на платформата Икс објави дека, според информациите што ги добила, хеликоптерот се урнал кратко по полетувањето од островот.
Потрага по исчезнатото лице и остатоците од хеликоптерот
Властите ја добиле пријавата за несреќата синоќа нешто пред 20 часот, по што на терен излегле итните служби и американската крајбрежна стража.
Остатоците од леталото биле лоцирани на длабочина од 73 метри во близина на островот Каталина, кој од брегот на округот Лос Анџелес е оддалечен околу 35 километри.
Здравствената состојба на едно од хоспитализираните лица засега не е позната.
Се претпоставува дека хеликоптерот бил во сопственост на компанијата „РИЧ ЕР Медикал Сервисис“ од Сакраменто.