Македонија

Ристов: Не чека турбулентна грејна сезона ако цената на гасот остане висока

Ристов: Не чека турбулентна грејна сезона ако цената на гасот остане висока

Турбулентна грејна сезона ја очекува Македонија доколку високата цена на природниот гас на берзите се задржи во подолг период, предупреди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ристов потсети дека цената на топлинската енергија за домаќинствата е зголемена во просек за 5,96 отсто и дека актуелните цени се формирани со влезни параметри за природниот гас кои значително се разликуваат од денешните берзански цени.

„Кога ги формиравме цените кои важат од први август, влезните параметри на гасот беа скроз различни. Во тој момент калкулиравме со околу 40 евра за мегават-час за набавната цена на гасот, а денеска на берзите веќе е 70-72, па беше и до 80“, рече Ристов.

Според него, засега високата цена на гасот не се чувствува целосно кај компаниите за производство и дистрибуција на топлинска енергија, бидејќи грејната сезона сè уште не е започната. Но, доколку цената остане на ова ниво, компаниите би можеле да побараат нова пресметка.

„Уште не е почната грејната сезона, па компаниите не го чувствуваат како удар, бидејќи не почнале да трошат од гасот. Меѓутоа, веќе за десетина дена ќе почне грејната сезона и доколку не се смири пазарот, тие сигурно ќе побараат од нас интервенција во калкулациите“, објасни Ристов.

Тој појасни дека евентуалната нова пресметка автоматски не значи и зголемување или намалување на цената на топлинската енергија.

Цената, како што рече, се формира врз основа на повеќе елементи, меѓу кои оперативните трошоци и трошоците за набавка на енергенсите. РКЕ ги зема предвид просечните набавни цени од повеќе компании што увезуваат гас.

РКЕ размислува за поинаков модел за цената на гасот

Ристов најави дека се размислува за промена на методологијата за пресметка на цената на гасот, по примерот на методологијата што се применува кај нафтените деривати.

Една од идеите е и цената на гасот да се поврзе со берзански референтни цени, наместо пресметките да се темелат на поединечните набавни цени на компаниите.

Според Ристов, природниот гас сè уште не е доволно развиена и регулирана индустриска гранка во земјава, поради што ценовните шокови можат да создадат дополнителен проблем, особено за корисниците на централното греење во Скопје.

Тој нагласи дека доколку продолжат значителните поместувања на цената на гасот, за проблемот ќе биде информирана и Владата, бидејќи прашањето може да бара поширока интервенција.

Како можни решенија, Ристов ги спомена субвенционирањето или обезбедувањето алтернативен извор за набавка на гас.

Долгорочните договори и складирањето како решение

Ристов посочи дека земјите и компаниите кои имаат долгорочни договори за набавка на гас можат да постигнат постабилни цени, за разлика од оние што зависат од дневните берзански движења.

„Оние кои што набавуваат на дневна база, како што сме ние како мала држава, мора да работат по берзата, а берзата е манипулативна. Денеска може да биде 80, утре 60, па 70“, рече тој.

Токму затоа, според Ристов, за Македонија би било важно да обезбеди долгорочни договори за снабдување и да размислува за можности за складирање природен гас.

Тој посочи дека новите интерконектори што се градат можат да отворат дополнителни можности за снабдување, а компанијата задолжена за управување со гасниот систем би можела да бара долгорочни договори со добавувачи.

„Многу е важно ова да се стабилизира и Македонија, со овие интерконектори кои сега ги прави, да најде начин да склучи долгорочни договори со некого“, рече Ристов.

Според него, складирањето би можело да биде исплатливо во периоди кога берзанските цени се повисоки, но Македонија во моментов нема сопствени складишни капацитети за природен гас.

„Нема држава која што нема складишта на гас, ние, за жал, немаме“, рече Ристов, додавајќи дека изградбата на вакви постројки е скапа и бара големи капацитети.

Тој не ја исклучи можноста за размислување во оваа насока во иднина, особено доколку во земјава се развиваат когенеративни централи за производство на електрична енергија, кои би биле значајни потрошувачи на природен гас.

Ристов заклучи дека претстои период во кој ќе биде особено важно како институциите и компаниите ќе ги менаџираат ценовните турбуленции на пазарот на природен гас.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни