Првиот сведок на обвинителството во случајот „Лотарија“, Владо Петковски, директор на сектор во „Државна лотарија“, даде исказ кој одеше во полза на обвинетите Артан Груби и Перпарим Бајрами. Поради драстичната разлика од исказот даден во истрагата, каде што најпрвин бил испрашуван како осомничен, обвинителите побараа тој да биде прогласен за „непријателски сведок“ за да можат вкрстено да го испрашуваат.
Петковски го бранеше работењето на поранешниот директор Бајрами, посочувајќи дека за разлика од претходното раководство, тој проактивно иницирал проекти за зголемување на профитот на Државна лотарија, како што се формирањето на „Ново ВЛТ“, платформата „Мегавин.мк“ и набавката на електронски терминали во 2023 година. Според сведокот, целта била целиот профит да остане во државната компанија, а процесите беа блокирани дури по донесувањето на автентичното толкување на Законот за игри на среќа. Тој додаде дека нема непосредни сознанија за пријателство или влијание меѓу Бајрами и Груби.
Обвинението се однесува на дејства од 2023 и 2024 година со кои, според обвинителите, на „Државна лотарија“ ѝ е нанесена штета од 9,7 милиони евра. Првичното дело „Проневера“ во истрагата беше преквалификувано во „Злоупотреба на службената положба“. Покрај Груби и Бајрами, во случајот се обвинети уште шест лица. Судењето продолжува.