Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“ со сведочењето на Владо Петковски, директор на Секторот за игри на среќа во компанијата. Во своето излагање, Петковски говореше за развојните проекти и иницијативи спроведени во мандатот на поранешниот генерален директор Перпарим Бајрами.
Сведокот посочи дека со доаѓањето на Бајрами биле покренати повеќе проекти со цел проширување на портфолиото и зголемување на профитот на АД „Државна лотарија“. Меѓу нив ги издвои формирањето на друштвото „Ново ВЛТ“, интернет-платформата „Мегавин.мк“, како и иницијативата за самостојно приредување електронски игри на среќа преку набавка на ВЛТ терминали. Петковски појасни дека набавките биле поддржани со соодветни анализи и позитивно мислење од УЈП, но процесите со „Ново ВЛТ“ и терминалите биле блокирани откако било донесено автентичното толкување на Законот за игри на среќа.
За односите меѓу обвинетите Бајрами и Артан Груби, Петковски изјави дека нема непосредни сознанија оти се пријатели, ниту пак присуствувал на нивни заеднички средби, додавајќи дека комуникацијата со Владата била вообичаена за раководството на компанијата.
Поради дадените одговори, Јавното обвинителство побара и доби дозвола од судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски за вкрстено испитување на сведокот, оценувајќи дека неговиот исказ не соодветствува со очекувањата на обвинителскиот тим, иако тој претходно во истрагата бил испрашуван и во својство на осомничен.
Обвинението во предметот „Државна лотарија“, застапувано од обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски, товари осум лица за пречекорување на службените овластувања и причинување материјална штета од околу 9,7 милиони евра (над 596 милиони денари). Сите обвинети се изјаснија за невиновни, а судската постапка продолжува.