Македонија

Мицкоски пред Фон дер Лајен: Македонија ги исполнува обврските – време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања

Мицкоски пред Фон дер Лајен: Македонија ги исполнува обврските – време е Европа да обезбеди фер процес без нови условувања

По средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, од македонска страна беше испратена порака дека земјата останува цврсто определена за членство во Европската Унија, но очекува пристапниот процес да биде фер, предвидлив и без нови билатерални условувања.

Во обраќањето по средбата беше нагласено дека разговорите биле отворени и содржајни и дека се однесувале на реформите, динамиката на евроинтеграциите и предизвиците што со години го оптоваруваат патот на Македонија кон ЕУ.

Беше посочено дека определбата за членство во Унијата останува непроменета, но дека Скопје очекува посилна политичка поддршка од европските институции.

„Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила“, беше порачано по средбата.

Посебен дел од разговорите бил посветен на односите со Бугарија. Македонската страна, како што беше наведено, сака отворените прашања да се надминуваат преку дијалог, добра волја и заемно почитување, но очекува во процесот поактивно да биде вклучена и Европската Унија.

Беше нагласено дека од ЕУ не се бара да зазема страна, туку да помогне во создавање одржливо решение во кое обврските ќе бидат јасни и ќе важат за сите страни.

Според пораките од средбата, целта е да се обезбеди пристапниот процес во иднина да не биде отвoран за нови билатерални барања.

„Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања“, беше истакнато.

Од македонска страна било посочено и дека доколку од земјата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да постои и јасна европска перспектива за чекорите што ќе следуваат по нивното исполнување.

Истовремено, беше нагласено дека најголемиот дел од обврските на патот кон ЕУ зависат од реформите што треба да се спроведат дома.

Како приоритети беа наведени владеењето на правото, реформата на јавната администрација, подобрувањето на деловната клима, дигитализацијата и реформите во образованието.

Во обраќањето беше посочено и дека спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе носи конкретни резултати и овозможува натамошно користење европски средства.

Особено значење, според македонската страна, има граѓаните да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција уште пред формалното членство – преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктура, инвестиции и повеќе можности за младите.

Како пример за конкретна европска интеграција беше посочен Коридорот VIII, кој треба да придонесе за подобра патна и железничка поврзаност, поголема трговија и полесно движење на луѓето.

На крајот беше испратена порака дека Македонија сака процес кој ќе се движи напред и ќе создава видливи резултати за граѓаните.

Средбата со Фон дер Лајен беше оценета како чекор кон поголема доверба, поотворен дијалог и поконкретна соработка со Европската Унија, со очекување дека поголемата вклученост на Брисел ќе помогне да се направи реален исчекор во евроинтегративниот процес.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни