Македонија

Мицкоски незадоволен од пораките на фон дер Лајен: Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот

Мицкоски незадоволен од пораките на фон дер Лајен: Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека сè уште нема одговор од официјална Софија на барањето за билатерална средба на министрите за надворешни работи на Бугарија и Македонија, на маргините на самитот за Коридорот Осум. Тој средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја оцени како корисна, но изрази незадоволство од нејзините пораки во однос на уставните измени.

„Доколку одбијат, тогаш уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези кои што ние ги имаме и за што сме загрижени. Не очекувам, не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука. Не е тоа наша одлука. Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму“, рече Мицкоски. На новинарско прашање дали има одговор, тој додаде: „Па, јас немам информација дека има одговор до овој момент.“

Мицкоски средбата со фон дер Лајен ја оцени како „пријателска и корисна“, при што нагласи дека таа, според него, ќе биде клучна за процесите што треба да почнат следната недела. Сепак, премиерот рече дека не е задоволен од пораките што ги испратила претседателката на Европската комисија во однос на промените на Уставот.

„Јасно кажа дека, дека стои на маса промената на, на Уставот, работа која што е прифатена од претходната влада“, изјави Мицкоски. Во продолжение ја обвини претходната власт, односно коалицијата на СДСМ и ДУИ, дека „во отсуство на креативност и било какви идеи за и предлози за надминување на оваа состојба и единство со владата, се обидуваат на себе својствен начин преку лаги и измислици“ да испраќаат пораки дека актуелната влада би ја променила преговарачката рамка.

Според него, сепак има поместување во комуникацијата. „Еве, како што гледате стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно, еве се случува“, рече премиерот. Тој оцени дека пораките од фон дер Лајен, и покрај резервите што ги има, создаваат и чувство на охрабрување, особено во делот на личниот ангажман на владата околу реформската агенда.

За претседателот на владата, ова претставува мотивација да се продолжи со реформите во наредниот период. Воедно најави и засилување на активностите во Брисел. Како што посочи, идниот месец ќе оствари средби со еврокомесарката за проширување, а ќе присуствува и на самитот посветен на Западен Балкан.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни