Македонија

Мицкоски на иста линија со Ристов: Се разгледува проширување на евтината тарифа и нови намалувања на цените на горивата

Мицкоски на иста линија со Ристов: Се разгледува проширување на евтината тарифа и нови намалувања на цените на горивата

Премиерот Христијан Мицкоски целосно се согласува со клучните ставови и енергетските анализи што ги изнесе претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во интервјуто за 4ТВ. Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот потврди дека власта и регулаторните тела делат идентични погледи во однос на тарифната политика, цените на дериватите и стабилноста на системот во пресрет на грејната сезона.

Една од клучните точки во кои премиерот јасно застана зад експертските тези на претседателот на РКЕ е потребата од прилагодување на моделот на дневната евтина тарифа на струјата поради новата реалност со фотоволтаиците.

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, претходно во своето интервју појасни зошто актуелниот систем бара корекции:

„Сегашниот модел е превртен малку на глава. Имаме евтина тарифа навечер кога на берзите струјата е најскапа. Сега со хиперпродукцијата на фотоволтаиците, преку ден имаме вишок или евтина енергија, а навечер треба да се произведе од базни извори или да се увезе и тогаш е скапа. Овие работи мора да ги усогласиме во корист на граѓаните – зошто да не се намали ноќниот период, а да се зголеми дневниот или да се прошири за викендите“, истакна Ристов.

На ова директно се надоврза и премиерот Мицкоски, потврдувајќи ја истата теза од позиција на стручњак:

„Ако ме прашате лично, како човек од фелата, мислам дека во одредени периоди од годината проширувањето на дневната евтина тарифа можеби ќе биде попродуктивно за граѓаните отколку сегашниот модел. Сепак, тоа ќе го каже Регулаторната комисија по нивните анализи“, порача премиерот.

Премиерот се согласи и со оценките на Ристов за стабилноста на пазарот со нафтени деривати и ефектот од владините мерки со кои Македонија одржува најниски цени во регионот.

Ристов во интервјуто нагласи:

„Една од мерките со кои Македонија успева да има поевтини нафтени деривати е пуштањето на продуктоводот од Солун до Скопје со што се стабилизираше транспортот, како и одлуките на Владата за намалување на делот од акцизата и намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10%. Без овие мерки, дизелот денес би чинел 125 до 126 денари“, посочи претседателот на РКЕ.

Мицкоски се надоврза со нова позитивна вест за потрошувачите:

„Според анализата на берзите од минатата недела, очекувам следната недела да имаме ново поевтинување на дизелот и бензинот. Дополнително преговараме со најголемиот снабдувач ОКТА за дополнителен попуст, со што ќе бидеме убедливо држава со најниска цена на горивата во регионот, а можеби и во Европа, што овозможува социјален мир и контрола на инфлацијата“, потенцираше Мицкоски.

Во однос на подготвеноста на капацитетите, Мицкоски увери дека државата е „апсолутно подготвена“ за претстојната зима:

  • Термоелектрани: Ремонтите на блоковите во РЕК Битола и Осломеј се завршуваат или ќе бидат комплетирани до крајот на месецот.
  • Хидропотенцијал: Нивото на акумулациите во моментов е околу 40%, што е задоволително, со очекувања есенските и зимските врнежи да ги наполнат акумулациите до 80–85% за следната сезона.
  • Топловодна мрежа Скопје: Извршени се летни санации на мрежата, со што се очекува преполовување на загубите на вода и драстично помалку дефекти.

Премиерот заклучи дека главен предизвик во зимскиот период ќе остане аерозагадувањето од нееколошки горива со почетокот на сезоната во втората половина на ноември, но дека од аспект на енергетската стабилност, институциите функционираат координирано.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни