Кобила која утрово се ождребила на улица во Скопје, заедно со новороденото ждребе, е преземена од екипите на ЗОО Скопје и сместена на безбедно место, соопшти градоначалникот на Скопје.
Според неговата објава, животните се сместени во карантин, каде што ќе ја добијат потребната нега и стручен третман.
„Раѓањето нов живот треба да биде убава вест. Но, кога тоа се случува на асфалт, во несоодветни услови и изложено на опасност, тоа е сериозен повик за одговорност“, наведе градоначалникот.
Тој посочи дека екипите на ЗОО Скопје реагирале веднаш, иако, како што вели, постапувањето во вакви случаи не е во нивна надлежност. Според него, згрижувањето на кобилата и ждребето не го решава системски проблемот со напуштените и експлоатирани животни на улиците.

Градоначалникот ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство итно да организираат координирана акција во рамките на своите надлежности.
Тој побара конкретни мерки за заштита и соодветно згрижување на животните, но и утврдување одговорност во случаи на нивна експлоатација и злоупотреба.
„Иако не сме надлежни, Град Скопје го ставам на располагање со сите расположливи капацитети за да помогнеме во оваа акција“, порача градоначалникот.
Тој додаде дека очекува итен одговор и конкретно постапување од надлежните институции, најавувајќи дека доколку тоа изостане, Градот ќе преземе иницијатива и ќе ги искористи механизмите што му стојат на располагање.
„Нема да дозволам ова да остане само уште една вест што ќе се заборави до утре. Скопје мора да биде безбеден, уреден и хуман град“, се наведува во објавата.