Купувањето огревно дрво по пониска цена од нелегални продавачи значи директна поддршка на дрвокрадството и уништувањето на шумите, предупредува заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
Тој апелира до граѓаните да не купуваат дрва од дрвокрадци, посочувајќи дека зад нелегалната сеча најчесто стојат организирани групи. Според Михаилов, овие групи во одредени случаи се подготвени и физички да се пресметаат со вработени во „Национални шуми“ и со припадници на шумската полиција.
Како пример го посочи инцидентот што летово се случи во Штипскиот Регион.
„Сите оние кои ќе се дрзнат во иднина да кренат рака на овластено службено лице, треба однапред да бидат подготвени дека следи сериозна затворска казна, бидејќи станува збор за напад на службено лице“, вели Михаилов.
Тој признава дека проблемот не е ограничен само на лица надвор од претпријатието. Според него, постојат и случаи во кои вработени во ЈП „Национални шуми“ имале контакти со криминални структури.
„Да, сè уште има наши вработени, за кои за жал утврдивме одредени конекции со криминалните структури и онаму каде што тоа ќе го детектираме, нема пардон. Веднаш се отпочнува постапка по однос на она кое што го имаме како докази и имаме суспензии, кривични пријави и дисциплински постапки“, рече Михаилов.
Покрај нелегалната сеча, шумите во земјава секоја година се соочуваат и со друг сериозен проблем – пожарите, односно намерното предизвикување пожари од страна на пироманите.