Македонија

Оризот падна на 16 денари за килограм, производителите стравуваат за идната сеидба

Оризот падна на 16 денари за килограм, производителите стравуваат за идната сеидба

Ниската откупна цена на оризот ги загрижува производителите од Кочанско, кои велат дека со актуелните 16 денари за килограм едвај успеваат да ги покријат трошоците за производство. Дел од земјоделците стравуваат дека доколку состојбата продолжи, следната година нема да имаат доволно средства ниту за повторно да ги засеат нивите.

Проблемот беше посочен на средба со оризопроизводителите во Горни Подлог, каде заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, оцени дека состојбата во оризопроизводството е сериозна.

Каранфилова-Пановска посочи дека ниската откупна цена е еден од најголемите проблеми со кои годинава се соочуваат производителите. Таа направи споредба со претходните години и потсети дека во 2021 година оризот се откупувал по цена од 42 денари за килограм.

Производителите велат дека паралелно со падот на откупната цена, растат трошоците за производство. Посочуваат на повисоките цени на горивата, ѓубривата и механизацијата, како и на проблемот со обезбедување сигурен откуп.

Од СДСМ предлагаат државата да интервенира со дополнителна субвенција од 10 денари за секој произведен и откупен килограм ориз. Предлог-законот, како што беше посочено, веќе е доставен до Собранието.

Каранфилова-Пановска ги повика владејачкото мнозинство и Владата да го поддржат предлогот и преку ребалансот на буџетот да обезбедат средства за дополнителна поддршка на оризопроизводителите.

Производителите, пак, предупредуваат дека без соодветна поддршка и подобри услови за откуп, производството на ориз може дополнително да биде доведено во прашање.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни