Свет

Аргентина ќе дава државјанство за инвестиција од најмалку 350.000 долари

Аргентина ќе дава државјанство за инвестиција од најмалку 350.000 долари

Аргентина подготвува нова програма со која богати странски државјани ќе можат да добијат аргентинско државјанство во замена за значителен финансиски придонес или инвестиција во државни обврзници.

Програмата ја најавија министерот за економија Луис Капуто и шефот на кабинетот Диего Сантилји, а првите апликации се очекува да бидат поднесени во последниот квартал од годинава.

Според условите, странските кандидати ќе можат да изберат меѓу две опции. Првата е неповратна уплата од најмалку 350.000 долари во аргентинската државна каса, додека втората предвидува купување државни обврзници во вредност од 800.000 долари.

Доколку ја изберат втората можност, обврзниците ќе мора да ги задржат најмалку седум години. За вклучување на сопружник и деца во програмата ќе се плаќаат дополнителни средства.

Со воведувањето на ваквиот модел, Аргентина би станала првата држава во Јужна Америка со програма што директно овозможува стекнување државјанство преку инвестиција.

Владата очекува преку програмата да привлече до 2,5 милијарди долари, доколку биде постигнат планираниот број инвеститори.

На Аргентина ѝ е потребен свеж капитал во период кога земјата се подготвува за значителни отплати на долгови. Во 2027 година доспеваат речиси 25 милијарди долари државни обврски во странска валута, додека пристапот на Буенос Аирес до меѓународните пазари на капитал и натаму е ограничен.

Владата на претседателот Хавиер Милеи во изминатиот период спроведува мерки за намалување на буџетскиот дефицит и инфлацијата, а паралелно работи и на зголемување на девизните резерви и привлекување странски инвестиции.

Една од предностите што би можела да ги привлече потенцијалните кандидати е аргентинскиот пасош, кој овозможува патување без претходно добивање виза во повеќе од 140 земји.

Сепак, заинтересираните кандидати ќе мора да поминат безбедносни и финансиски проверки, вклучително и проверка на криминалното досие и потеклото на средствата.

Слични програми постојат во повеќе земји, но директното стекнување државјанство преку инвестиција е поретко во споредба со таканаречените „златни визи“, кои најчесто овозможуваат право на престој.

Ваквите шеми во изминатите години се соочуваат со критики поради ризиците од перење пари, корупција и злоупотреба на државјанството, поради што аргентинските власти најавуваат детални проверки на кандидатите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни