Велика Британија во последните две години ја напуштиле исклучително богати поединци чиј вкупен имот се проценува на околу 160 милијарди долари.
Тоа ги покажува размерите на одливот на најбогатите жители на земјата и притисокот што даночните промени го создаваат врз позицијата на Лондон како глобален финансиски центар.
Многу милијардери од Велика Британија се преселиле во Монако, Швајцарија и Обединетите Арапски Емирати, додека некои се вратиле во своите матични земји, пренесува „Блумберг“.
Во Велика Британија во април минатата година стапија на сила големи промени во даночниот систем. Една од најзначајните промени беше укинувањето на посебниот даночен режим, кој им овозможуваше на богатите лица поповолен третман на приходите и имотот стекнати во странство.
Британската влада, исто така, ги зголеми одредени давачки за наследство и приходите поврзани со работењето на приватните пазари, додека најавите за нови даночни промени дополнително ја зголемија неизвесноста кај најбогатите жители.
Одливот на најбогатите претставува потенцијален проблем за британските јавни финансии.
Најбогатите еден процент од даночните обврзници учествуваат со околу 27 проценти во вкупно собраниот данок на доход, покажуваат податоците на британската влада.
Нивното заминување затоа може да значи не само загуба на даночни приходи, туку и намалување на потрошувачката и инвестициите што ги придружуваат овие поединци.
Сепак, Велика Британија и понатаму е меѓу водечките светски дестинации за богатите и има околу 2,43 милиони доларски милионери, што е петти најголем број во светот.
Лондон и понатаму останува еден од најзначајните глобални центри за управување со приватното богатство, па заминувањето на поединечни милијардери засега не значи дека градот го губи својот глобален статус во светот на финансиите.