Македонија

Вештак на одбраната: Терапијата била ефикасна, обвинителството бараше дополнителни појаснувања

Вештак на одбраната: Терапијата била ефикасна, обвинителството бараше дополнителни појаснувања

На рочиштето за случајот „Онкологија“ се судрија ставовите за ефикасноста, навременоста и дозирањето на терапијата што им била давана на пациентите. Вештакот на одбраната тврдеше дека нема докази за причинско-последична врска меѓу применетиот лек и влошување на состојбата, додека обвинителството инсистираше на дополнителни појаснувања.

Пациент со метастазиран канцер на црниот дроб живеел 38 месеци, иако, според вештакот на одбраната, стапката на преживување е 24 месеци „и тоа ако се користи модерна системска терапија“. Ова беше еден од аргументите што беа изнесени на рочиштето за случајот „Онкологија“, каде што вештакот на одбраната одговараше на прашања од обвинителството.

Во судницата се отворија клучните прашања околу тоа дали терапијата била применета навреме, дали била правилно дозирана и дали била соодветна за конкретната болест. Според изнесеното во постапката, расправата била насочена кон тоа дали третманот можел да предизвика штета кај пациентите или да придонесе за влошување на нивната здравствена состојба.

Одбраната оцени дека суштината на спорот е во постоењето или непостоењето на причинско-последична врска. „Кривично се одговара ако лекот што си го дал му причинил штета на пациентот или му ја влошил состојбата или предизвикал смрт. Ако тоа нема, ако за тоа нема докази, ако нема причинска последична врска… сега вакви прашања да се истошуваме и да ги слушаме со на повеќе рочишта се, како да кажам, тотално не одговараат на суштината на спорот“, беше посочено во судницата.

Во истиот контекст, одбраната се повика и на наодите на вешто лице од судска медицина, за кое беше наведено дека „тврди категорично и со докази и со огромно искуство во таа работа“ дека таква причинско-последична врска нема.

Сепак, обвинителството инсистираше техничкиот советник, иако не е онколог, дополнително да појасни врз основа на што заклучил дека болните биле лекувани прописно. Со тоа, расправата се насочи и кон методологијата и стручната основа на дадените мислења во постапката.

Во предметот, на поранешниот директор на скопска Онкологија, Никола Васев, му се суди за тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни. Во истиот случај, на кривична одговорност се повикуваат и уште двајца лекари онколози.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни