Промена на начинот на кој се користат неработните денови предлага Стопанската комора на Македонија. Оттаму најавуваат дека наскоро до Министерството за економија и труд ќе достават предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се намалил на 13.
Предлогот, како што појасни проектниот менаџер во Комората, Анета Димовска, не предвидува укинување на постојните празници, туку промена на начинот на користење на дел од нив.
Според предлогот, при засновање на работен однос, вработените би избирале кои празници од оние што се однесуваат на одредени верски или етнички заедници ќе ги користат. На тој начин би се определиле два дополнителни неработни дена, со што вкупниот број би се свел на 13.
Димовска оцени дека сегашниот систем отвора прашања околу еднаквиот третман на граѓаните од различни верски и етнички заедници, имајќи предвид дека бројот на неработни денови се разликува во зависност од припадноста.
Како пример таа го посочи празникот Свети Сава, кој во Македонија е неработен ден за припадниците на српската етничка заедница, додека во Србија не е определен како неработен ден.
Втората промена што ја предлага Стопанската комора се однесува на празниците кои се паѓаат во недела. Според иницијативата, тие повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник.
Од Комората велат дека предлогот произлегува од долгогодишните забелешки на работодавачите, кои сметаат дека поголемиот број неработни денови создава организациски и финансиски предизвици за компаниите.
„Отсуството на вработените од работа за празници негативно влијае на продуктивноста, предизвикува тешкотии од финансиски и организациски карактер“, изјави Димовска.
Анализата на Стопанската комора опфатила 36 европски економии. Според податоците, во околу 70 проценти од анализираните земји бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14.
Македонија е во овој интервал доколку се земат предвид 11-те неработни денови кои важат за сите граѓани. Но, со додавањето на петте дополнителни неработни денови за припадниците на православната вероисповед, бројот достигнува 16.
Од Комората посочуваат и дека во повеќе од половина од анализираните европски земји празниците што се паѓаат за време на викенд не се префрлаат на првиот нареден работен ден.
Како дополнителен аргумент, Димовска го посочи и економскиот ефект од продолжените викенди. Според неа, дел од граѓаните ги користат празниците за патувања во странство, при што дел од потрошувачката се реализира надвор од земјата.
Предлог-измените Комората најавува дека наскоро ќе ги достави до Министерството за економија и труд.