Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две поранешни финансиски раководителки во АД „Државна лотарија“, осомничени дека во текот на 2024 година присвоиле речиси 80 милиони денари од друштвото.
Според Обвинителството, станува збор за тогашната директорка на Секторот за финансии и сметководство и шефицата на финансиски работи. За нив постои основано сомнение дека како соизвршителки сториле кривично дело „Проневера во службата“.
Истрагата се однесува на вкупен износ од 79.989.444 денари, за кој обвинителството се сомнева дека бил присвоен наместо да биде уплатен на сметките на компанијата.
Осомничените биле овластени да подигнуваат готовина наменета за исплата на мали добивки, како и да го примаат и уплаќаат дневниот промет од сопствените продажни места на „Државна лотарија“.
Според обвинителството, во текот на цела 2024 година тие не го депонирале целокупниот дневен промет од продажните места на трансакциските сметки на друштвото во деловните банки, туку парите ги присвојувале за себе.
Дополнително, се сомничат дека од банкарските сметки на „Државна лотарија“ подигнувале и други парични средства, кои исто така ги присвојувале.
Јавниот обвинител побарал притвор за двете осомничени. Како причини се наведуваат опасност од бегство, можност да бидат сокриени, фалсификувани или уништени траги и докази, како и опасност од влијание врз сведоци, вештаци, соучесници или други лица во постапката.
Обвинителството оценило дека постојат и околности што укажуваат на опасност осомничените да го повторат кривичното дело, поради што до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор за двете.