Бугарските власти го подигнаа нивото на безбедносна готовност во Црното Море откако два цивилни трговски брода беа погодени во исклучивата економска зона на земјата. По инцидентот е свикан вонреден безбедносен состанок на владиниот врв, а надлежните институции добиле наредба за засилен мониторинг на поморскиот сообраќај.
Властите во Софија воспоставиле деноноќно следење на пловните патишта, со посебен надзор врз оштетените бродови кои се наоѓаат на отворено море. Целта е да се спречи евентуално напуштени или оштетени пловила да се приближат до бугарскиот брег и да претставуваат дополнителен безбедносен ризик или да ја нарушат комерцијалната пловидба.
Патролни катери на граничните единици и на военоморските сили се во зголемена готовност долж крајбрежјето. Бугарските институции ја следат траекторијата на пловилата на оддалеченост од околу 70 милји источно од Бјала и се подготвени за интервенција доколку некој од нив се насочи кон територијалните води на земјата.
„Ова е апсолутно недозволив напад и грубо погазување на меѓународното право и на морското дело. Одамна предупредувам дека доколку не се стави крај на воените дејствија, сериозно се загрозуваат цивилните поморски патишта, но ние нема да дозволиме бугарскиот брег да биде загрозен“, изјави бугарскиот премиер.
Инцидентот предизвикува загриженост и поради можните економски последици, бидејќи секое нарушување на безбедноста во Црното Море може да влијае врз транспортот на жито, енергенси и други стоки.
Бугарските власти најавуваат дека ќе продолжат со засилени мерки за обезбедување на поморските коридори и непречено одвивање на трговскиот сообраќај, со цел да се спречат дополнителни нарушувања во синџирите на снабдување и зголемување на транспортните трошоци.