Македонија

Партиски препукувања за младинските политики: СДММ обвинува за пасивност и безизлез, УМС се повикува на системски реформи

Партиски препукувања за младинските политики: СДММ обвинува за пасивност и безизлез, УМС се повикува на системски реформи

Масовното иселување на младите, партизираниот систем, недостатокот на правна држава и нискиот животен стандард беа во фокусот на дебатата меѓу младинските претставници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Додека опозициската СДММ бара итни мерки и квалитетни услови за живот, владејачката ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека грижата за младите за првпат е издигната на ниво на посебен министерски ресор.

Стефанија Кузмановска од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) признава дека иселувањето веќе не е само економски феномен, туку последица на длабока разочараност од системот.

„Младите заминуваат од државата барајќи подобро здравство, подобар образовен систем, непартизирани институции и општество ослободено од корупција. Тие живеат со европски цени, а не гледаат европски стандарди и перспектива“, истакна Кузмановска.

Соочена со прашањето за кредибилитетот на СДММ по седумгодишното владеење на СДСМ – период во кој довербата во правосудството падна на историски 2% – Кузмановска порача дека токму поради направените грешки нејзината партија сега е во опозиција. Сепак, таа упати критика до новата власт:

„Заради грешките во минатото, СДСМ е опозиција. Но, младите не смеат да се користат само како политичка флоскула. Владејачката партија мора да понуди реални промени, да го реши стамбеното прашање, да го подобри домувањето и да се погрижи за животната средина, наместо со сегашните политики да подгрева дополнителна изолација и иселување.“

Од друга страна, Тодор Конески, претставникот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека новата влада покажала јасна волја да го стави младинското прашање на самиот врв од државните приоритети уште од првите денови од преземањето на власта.

Како главен доказ за тоа, од владејачката партија го посочуваат реорганизирањето на министерските ресори и формирањето на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

„Демографијата и младите се нераскинливо поврзани. Македонија е силно погодена од ‘белата чума’ и демографскиот пад. Доколку не постапиме правилно и системски, набргу нема ни да имаме млада генерација за која ќе зборуваме дали треба да замине или да се врати“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Како дополнителни аргументи за посветеноста кон младите, од владејачката партија се повикуваат на фактот што самиот премиер Христијан Мицкоски доаѓа од редовите на универзитетските професори, најавувајќи низа емпириски проекти кои директно ќе таргетираат подобрување на стандардот на младите во државата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни