Инвестициите во железничката инфраструктура се одвиваат според предвидената динамика, а наскоро се очекува значајно интензивирање на теренските активности, информираше вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Веќе е објавен тендерот за третата фаза од пругата кон Бугарија, која го опфаќа најпредизвикувачкиот дел од Крива Паланка до меѓуграничниот тунел. Огласот е достапен преку официјалниот систем за јавни набавки на Европската Унија, а рокот за доставување понуди истекува на 20 јануари. По четиримесечниот рок следува евалуација од околу 90 дена, па изборот на изведувач се очекува крајот на април, додека градежните активности треба да започнат во мај или јуни.
Што се однесува до втората фаза (Бељаковце – Крива Паланка), досега се завршени околу 40% од работите, со месечен напредок од 2 до 2,5 проценти. Истата треба да биде комплетирана до 2028 година, со што ќе се овозможи меѓуградски железнички превоз на линијата Скопје – Куманово – Крива Паланка.
Паралелно, за брзата пруга на Коридор 10 веќе се изработени сите шест студии. Наскоро следи избор на заемодавател и изведувач, со цел теренските работи да започнат во март или април следната година. Проектот ќе се финансира со историски најниска каматна стапка за инфраструктурен проект во земјава и во регионот.