Набавените ВЛТ терминали за АД „Државна лотарија“ никогаш не биле пуштени во употреба и сè уште се наоѓаат во магацините на компанијата, сведочеше денеска Александар Андонов, член на комисијата која ја спровела јавната набавка, на судењето за предметот „Државна лотарија“.
Андонов, кој во моментов е директор на Секторот за спречување перење пари и финансирање тероризам во Државна лотарија, пред судот објаснуваше како течела постапката за набавка. Тој посочи дека комисијата од пет члена постапувала врз основа на претходно донесени одлуки и планови на органите на управување.
„Ние како комисија постапувавме по претходно веќе донесени одлуки. Истата требала да биде и била предвидена во планот за јавни набавки. Планот за јавни набавки претставува еден вид на документ, односно план во кој што се наведени сите планирани јавни набавки кои што треба да се преземат од страна на друштвото согласно целисходноста и потребата која што ја утврдуваат органите на управување во Државна Лотарија“, рече Андонов.
Тој појасни дека планот за јавни набавки го донесува Управниот одбор, но дека неговото постоење не значи оти секоја предвидена набавка мора и да биде реализирана.
Во однос на финансискиот план, Андонов објасни дека тој се усвојува од Управниот одбор по претходно одобрување од Надзорниот одбор, а потоа се доставува на разгледување до Владата како единствен акционер на Државна лотарија.
„Откако ќе се донесат овие првенствени акти имаме веќе основ за спроведување на таква постапка, планирана јавна набавка“, изјави сведокот.
Пред самото објавување на јавната набавка, според неговото сведочење, била спроведена и претходна постапка во која се прибирала документација за утврдување на законитоста, оправданоста и потребата од набавката.
Потоа била донесена одлука за јавна набавка и била формирана комисија која постапката ја спровела преку Електронскиот систем за јавни набавки. Андонов посочи дека биле доставени три понуди.
Првичната тричлена комисија го проверувала формално-правниот дел на понудите, додека техничката комисија проверувала дали понудените апарати ги исполнуваат условите од техничката спецификација. По евалуацијата биле изготвени записник и извештај, по што била донесена одлука за избор на најповолни понудувачи.
По склучувањето на рамковните спогодби, набавката била предмет и на управна контрола од Бирото за јавни набавки. Според Андонов, контролата имала за цел да утврди дали постапката била спроведена согласно Законот за јавни набавки.
Клучниот дел од неговото сведочење се однесуваше на тоа што се случило со набавените терминали. На прашањето дали тие биле ставени во функција, Андонов одговори:
„Тие никогаш не беа ставени во употреба за потребите на Државна лотарија.“
Тој посочи дека од надлежниот сектор биле доставени барања до Управата за јавни приходи и Министерството за финансии за ставање на апаратите во употреба, но дека терминалите и натаму се наоѓаат во магацините на Државна лотарија.
Андонов рече дека не може да објасни зошто апаратите не биле ставени во употреба, бидејќи решенијата за тоа ги носат надлежните институции.
На прашања од одбраната на Перпарим Бајрами, сведокот рече дека не може точно да се сети дали била прибавена целокупната документација, но посочи дека постапката завршила со склучување договор.
Во врска со финансискиот план, тој не се согласи со тезата дека документот се носи еднаш годишно и потоа не се менува, посочувајќи дека во текот на годината може да се прават измени согласно начинот, целите и политиките на органите на управување.
На прашање од одбраната на Бојан Јанев дали за набавката биле прибавени правно мислење и физибилити студија, Андонов рече дека не е запознаен со тоа.
„Не сум запознаен со тоа бидејќи ние како комисија само ги прегледувавме понудите“, одговори тој.
Сведокот потврди и дека сите набавени ВЛТ апарати биле наменети за електронски игри на среќа.
На дополнителни прашања од обвинителството, Андонов се согласи дека предлог-одлука подготвена од стручните служби не значи дека таа автоматски мора да биде усвоена од надлежниот орган.
На претходното рочиште сведочеше Владо Петковски, директор на Секторот за игри на среќа во Државна лотарија. Тој изјави дека во мандатот на поранешниот директор Перпарим Бајрами биле иницирани повеќе развојни проекти, меѓу кои „Ново ВЛТ“, интернет-платформата „Мегавин.мк“ и иницијативата Државна лотарија самостојно да приредува електронски игри на среќа.
Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, обвинетите со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети претходно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Судењето продолжува на 20 октомври.