Родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани реагираат на барањето на одбраната за супервештачење, поставувајќи прашање за обемот и стручната компетентност на вештаците кои се повикани да дадат мислење во судскиот процес.
Тие посочуваат дека вештакот на одбраната се изјаснувал од градежен аспект, но според нив, од неговите одговори произлегува дека не може да даде одговор на сите прашања опфатени со вештачењето на обвинителството.
„Логичното прашање е: ако вештакот на одбраната се изјаснува само од градежен аспект и од неговите одговори се гледа дека не може да одговори на сите прашања што произлегуваат од вештачењето на обвинителството, како може неговото мислење да се користи за оспорување на целокупното вештачење?“, прашуваат родителите.
Тие нагласуваат дека вештачењето на обвинителството, според нив, не се однесува само на градежниот аспект, туку опфаќа повеќе области, меѓу кои урбанизам, градежништво, Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарна заштита и други прашања поврзани со случајот.
„Затоа, ако одбранбениот вештак не може стручно да се изјасни за сите тие области, тогаш неговото мислење е ограничено на она за што е повикан и за што има стручна компетентност“, велат родителите.
Во однос на барањето за супервештачење, тие сметаат дека сега останува на судот да оцени дали навистина постојат суштински и неразрешливи спротивности меѓу вештачењата или повторно се бара ново вештачење затоа што постојното не ги потврдува тезите на одбраната.
Родителите очекуваат судот внимателно да ја утврди границата на секое вештачење, како и стручноста и надлежноста на секој од вештаците.
„Во овој случај не станува збор за обична стручна расправа, туку за утврдување на одговорноста за најголемата трагедија што ни се случи“, порачаа родителите на загинатите.