Рочиштето во предметот за кочанската трагедија го одбележаа спротивставени толкувања околу исказот на вештакот Петре Русевски, предложен од Дејан Јованов. Обвинителите по неговото сведочење оценија дека „излегуваат на површина сите небулози“, посочувајќи дека вештакот не одговорил на прашањата во делот на урбанизмот.
Во својот исказ, Русевски тврдеше дека Дејан Јованов ја имал целата техничка документација за дискотеката „Пулс“ од 2012 година. Според него, за градежно-занаетчиските работи техничка документација воопшто не била потребна. На прашањето на обвинителството дали пожарот избувнал во кабаре, дискотека или магазин за ТПС-и, вештакот одговорил дека „од градежен аспект пожарот се случил во деловен објект“.
Во судницата било посочено и дека инвеститорот Дејан Јованов и стручните лица што ги ангажирал ја изработиле целата документација потребна за добивање на соодветните одобрувања. Како што беше наведено, бил изработен и запис во кој „заклучок е дека Класик ги има исполнето минимално техничките услови за обавување на таа дејност“.
На ова се надоврзаа и родителите на загинатите во „Пулс“, кои сметаат дека доколку вештакот на одбраната не може да се изјасни за сите области, тогаш и неговото сведочење треба да биде ограничено на она за што е повикан. Тие порачаа дека „очекуваме судот внимателно да ја утврди границата на секое вештачење и стручноста на секој вештак“, нагласувајќи дека „во овој случај не станува збор за обична стручна расправа, туку за утврдување на одговорноста за најголемата трагедија што ни се случи“.
Текот на рочиштето беше прекинат и поради приговори од адвокатите на одбраната. Во еден момент, на еден од бранителите му се слоши, по што беше повикана Итна медицинска помош. По прекин од речиси еден час, судењето продолжило.
Следното рочиште, според најавата, ќе се одржи на 14 октомври во Големата судница во Идризово.