Проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ говореше и за испитувањата на сериите БСЖ вакцина поврзани со четирите суспектни случаи во Хрватска.
Таа посочи дека во тек е проверка на квалитетот на две серии вакцини, кои биле примени од децата во Хрватска кај кои се појавиле здравствени проблеми. Според Грозданова, децата вакцината ја примиле пред околу две години, а употребата на тие серии била завршена во јуни годинава.
„Тие серии нема да се користат“, изјави Грозданова, додавајќи дека во Македонија досега не е пријавен случај на остеомиелитис, ниту случај на ова заболување поврзан со вакцинацијата.
Паралелно со испитувањата, Агенцијата за лекови и медицински средства, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ќе направат дополнителни анализи. Ќе се проверуваат постојните податоци и ќе се комуницира со педијатриските одделенија за да се утврди дали евентуално имало непријавени случаи.
Грозданова објасни дека една од клучните задачи на истрагата е да се утврди дали постои директна причинско-последична врска меѓу вакцината и остеомиелитисот.
„Остеомиелитот може да се јави од други состојби“, посочи таа, објаснувајќи дека временското совпаѓање на примањето на вакцината со појавата на одредена здравствена состојба не значи автоматски дека вакцината е нејзината причина. Во медицината, како што појасни, таквата ситуација се разгледува и како можна здравствена коинциденција.
Во однос на времето во кое би можела да се појави ваква реакција, Грозданова рече дека во документацијата што ја придружува вакцината се наведува временски период кој може да се протега од неколку недели до неколку години по вакцинацијата, поради што случаите ќе бидат детално следени.
Над 15 илјади деца ја примиле вакцината
Грозданова изнесе и податоци за опфатот со БСЖ вакцинацијата во Македонија. Таа посочи дека во 2025 година во земјава биле регистрирани нешто под 16.000 живородени деца, а БСЖ вакцината се прима во породилиштата, во првите 72 часа по раѓањето.
„Очекуваме дека од прилика 15-16.000 деца имаат примено“, рече Грозданова, нагласувајќи дека досега кај нас не е пријавен ниту еден случај на остеомиелитис поврзан со вакцината.
Таа додаде дека БСЖ вакцината во земјава се користи околу две децении и потсети дека вакцинацијата против туберкулоза е особено значајна бидејќи Македонија и понатаму се смета за земја со ризик од туберкулоза.
Според Грозданова, во земјава и натаму има активни случаи на туберкулоза, и кај возрасната и кај детската популација, со вкупно повеќе од 100 активни случаи во моментот.