Македонија и понатаму се наоѓа меѓу земјите со висок ризик од туберкулоза, а бројот на нови случаи не покажува континуиран пад. Ова го истакна проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Грозданова посочи дека постои разлика меѓу Македонија и дел од соседните земји во однос на ризикот од туберкулоза. Според неа, Хрватска денес е поблиску до групата земји со низок ризик, додека Македонија сè уште се категоризира како земја со повисок ризик.
Таа презентираше податоци од Институтот за туберкулоза според кои во моментот се хоспитализирани 95 возрасни пациенти, од кои 83 случаи се регистрирани во 2026 година.
„Секоја година ние имаме нови случаи. Не почнува да опаѓа, туку има нови случаи“, рече Грозданова.
Говорејќи за детската популација, Грозданова ги спомена податоците од Универзитетската клиника за детски болести „Козле“. Според информациите што ги добила Комисијата, во 2025 година биле регистрирани 15 деца со туберкулоза, додека во 2026 година досега се регистрирани 12 случаи. Во моментот, три деца се хоспитализирани на Клиниката во Козле.
Таа потсети дека пред неколку години во земјава имало и помала епидемија на туберкулоза, додавајќи дека заболувањето и понатаму е присутно, особено во одредени средини.
Грозданова посочи и дека статусот на Македонија како земја со повисок ризик има практични последици и при патувања и студиски престои во странство, каде што понекогаш се бара доказ за БСЖ вакцинација или тестирање за туберкулоза.
Според Грозданова, случувањата со туберкулозата, но и неодамнешната епидемија на пертусис, покажуваат дека инфективните заболувања и понатаму се присутни.
Како пример ја посочи епидемијата на пертусис во периодот 2024-2025 година.
„Помладите доктори прв пат во живо слушнаа како звучи магарешка кашлица, пертусис“, рече таа, нагласувајќи дека дел од лекарите во текот на своето дотогашно образование и професионална пракса немале можност да се сретнат со болеста.
Според неа, причината за повторното појавување не била појава на нова болест или нова вакцина, туку намалениот опфат со вакцинација.
„Не стануваше збор за нова болест, ниту за нова вакцина. Стануваше збор само за намалување на опфатот“, изјави Грозданова.
Грозданова се осврна и на ризикот од повторно појавување на полиомиелитисот. Таа посочи дека и покрај тоа што Западна Европа и Македонија го имаат елиминирано полиото, вирусот и понатаму циркулира во земји како Авганистан и Пакистан, каде што се регистрираат случаи.
Како еден од факторите кои можат да влијаат врз ширењето на инфективните заболувања таа ја посочи зголемената глобална мобилност и миграцијата.
Како важен дел од превенцијата, Грозданова ја нагласи здравствената едукација – и кај здравствените работници и кај граѓаните.
Според неа, едукацијата треба да започне уште од најмала возраст, преку градинките и училиштата, од основните хигиенски навики, како миењето раце, до разбирањето на превенцијата и значењето на вакцинацијата.
„Патогените циркулираат и неслучајно вакцинираме против тие болести“, порача Грозданова, нагласувајќи дека покрај информираноста е неопходно и стабилно функционирање на здравствениот систем.