Македонија

БСЖ вакцините ставени во „карантин“, за новороденчињата обезбедена нова количина

БСЖ вакцините ставени во „карантин“, за новороденчињата обезбедена нова количина

Сите постојни серии на БСЖ вакцината во земјава во моментов се ставени во карантин и не се аплицираат, додека траат испитувањата за можната поврзаност со пријавените случаи во Хрватска. Ова го изјави проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Грозданова, Министерството за здравство во меѓувреме обезбедило нова количина БСЖ вакцини од друг производител.

„Сите тие серии се ставени на стоп, односно во таканаречено карантинско чување, додека не ги истражиме сите услови“, рече Грозданова.

Таа објасни дека доколку испитувањата покажат дека вакцините од бугарскиот производител „Булбио“ се поврзани со несаканите реакции, тие нема да се користат. Во спротивно, доколку се утврди дека здравствените состојби во Хрватска се должат на други фактори, вакцинацијата со досегашните серии би можела да продолжи.

Одлуките, според Грозданова, се координираат и на регионално ниво, бидејќи комисиите за имунизација од земјите во регионот меѓусебно комуницираат и ги споделуваат заклучоците од испитувањата.

Има доволно залихи

На прашањето дали земјава располага со доволни залихи, Грозданова одговори дека количини има и дека вакцината вообичаено се обезбедува континуирано.

Таа објасни дека БСЖ е жива вакцина и дека по нејзината апликација може да се појави локална реакција на местото на убодот, односно карактеристичниот „папилон“. Според неа, тоа е очекувана реакција која покажува дека вакцината делува.

Сепак, новите информации од Хрватска, како што нагласи, се причина за зголемена претпазливост.

„Нашето искуство досега, а и на колегите во регионот, е дека е сосема безбедна и квалитетна. Овие нови состојби нè наведуваат дека мора, барем времено, да бидеме со поголем степен на претпазливост и да се истражат сите состојби“, рече Грозданова.

На прашањето што се случува со новородените деца додека трае прекинот на вакцинацијата, разговорот продолжи со објаснување за начинот на кој во овој период се постапува со БСЖ имунизацијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни