Доживотна казна затвор му изрече Основниот суд во Куманово на 25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, откако го прогласи за виновен за четири убиства и два обида за убиство на жени.
Бојковски е осуден за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска. Кривичните дела, според информациите од постапката, биле извршени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026 година.
Жртвите биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами. Првото убиство се случило ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, а второто во периодот од 5 до 7 јуни истата година во селото Драгоманце.
Во обвинението биле опфатени и два обида за убиство во селото Челопек. Првиот се случил на 22 јули 2025 година, кога жената успеала да повика помош, по што напаѓачот побегнал. Вториот обид, според обвинителството, бил на 9 февруари 2026 година, кога Бојковски се откажал од намерата и го напуштил местото.
Меѓу делата за кои е осуден се и убиството на жена во Старо Нагоричане во јануари 2026 година и убиството на повозрасна жена во Челопек во февруари истата година.
Со изрекувањето на доживотната казна затвор, Основниот суд во Куманово донесе првостепена пресуда за случајот што опфаќа четири убиства и два обида за убиство.