Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува светската економија во 2026 година да порасне за 3,1 процент, што е за 0,1 процентен поен повеќе од прогнозата објавена во јули. Сепак, растот и натаму ќе биде послаб во споредба со минатата година, кога изнесуваше 3,5 проценти.
Во најновиот извештај за светските економски изгледи, објавен на состанокот на ММФ и Светската банка во Бангкок, Фондот предупредува дека глобалната економија останува изложена на сериозни ризици. Меѓу главните закани се војната на Блискиот Исток, зголемувањето на цените на енергенсите и растечкиот јавен долг.
Еден од факторите што го поддржуваат економскиот раст се инвестициите во вештачката интелигенција. Сепак, нивните позитивни ефекти не се подеднакво распределени меѓу земјите. Според проценките на ММФ, само 32 земји ќе придонесат со 95 проценти во глобалниот економски раст, наспроти 54 земји во април.
Американската економија се очекува да порасне за 2,3 проценти во 2026 година, додека за кинеската е проектиран раст од 4,5 проценти. Во развиените економии, растот би достигнал 2,1 процент, во споредба со два проценти во 2025 година.
Послаби изгледи имаат економиите во развој, кои се почувствителни на промените на цените на нафтата и природниот гас. За нив ММФ предвидува раст од 3,7 проценти во 2026 година, што е значително забавување во однос на 4,5 проценти минатата година.
Од Фондот предупредуваат дека евентуалното продолжување на конфликтот на Блискиот Исток, проблемите во снабдувањето со енергенси и повисоките трошоци за задолжување би можеле дополнително да ги влошат глобалните економски перспективи.
Поради неизвесноста, ММФ ги повикува државите да ги зајакнат јавните финансии и да изградат поголема отпорност на идни економски шокови.