Македонија

Од политичко влијание до конфискација на имот: Приоритетите на кандидатите за шеф на ОЈО ГОКК

Од политичко влијание до конфискација на имот: Приоритетите на кандидатите за шеф на ОЈО ГОКК

Поголема конфискација на криминално стекнатиот имот, зајакнување на истражниот центар, транспарентност во одлуките и независност од политички влијанија се главните заложби на петтемина кандидати за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. На 28 октомври обвинителите ќе го избираат новиот раководител, првпат според измените на Законот за јавно обвинителство, со кои изборот е во рацете на самите јавни обвинители.

Кандидатите пред Советот на јавни обвинители ги претставија своите програми, при што во излагањата доминираше потребата од поефикасни финансиски истраги, следење на паричните текови и одземање на имотот стекнат со криминал. Дел од нив се заложија и за поголема употреба на дигитални алатки, зајакнување на стручните капацитети и еднаков третман на сите осомничени, без оглед на нивната функција и политичка моќ.

Фатон Азизи, обвинител во ОЈО ГОКК кој работи во Одделението за висока корупција, предложи зајакнување на истражниот центар со нови стручни кадри за економски криминал и дигитална форензика, како и директен пристап до базите на Министерството за внатрешни работи и Управата за јавни приходи.

Според него, финансиските истраги треба да се водат паралелно со кривичните постапки, за да се овозможи навремено откривање и одземање на незаконски стекнатиот имот. Како области на кои треба да им се посвети особено внимание ги посочи перењето пари во градежништвото, користењето криптовалути и сомнителните финансиски текови.

„Нема голем и мал осомничен. Без разлика на името и презимето, функцијата и политичката моќ, сите ќе се третираат согласно со доказите и според истиот аршин“, порача Азизи.

Трајче Пеливанов, виш јавен обвинител и поранешен заменик на шефот на ОЈО ГОКК, оцени дека на раководната функција треба да ѝ бидат приоритет професионалните стандарди, независноста во одлучувањето и конкретните резултати, наместо статистичките показатели.

Тој нагласи дека финансиските истраги треба да започнуваат навреме, со проверка на имотот и следење на финансиските текови. Според Пеливанов, квалитетот на обвинителската работа треба да се мери преку доказите и одржливоста на обвиненијата пред судот.

„Силно обвинение не е она што силно се најавува, туку она што гради квалитетни истраги што ќе го издржат тестот пред судот“, рече Пеливанов.

Тој порача дека Обвинителството не смее да биде инструмент за селективно постапување или подложно на влијанија, ниту истрагите да се отвораат под притисок на јавноста.

Обвинителката Лидија Раичевиќ, пак, се осврна на начинот на кој треба да се одвива изборот на новиот раководител, повикувајќи ги обвинителите самостојно да одлучат кому ќе му ја дадат поддршката, без лобирање за гласови. Таа оцени дека функцијата бара стручност во откривањето на криминалот, познавање на неговите структури и разбирање на начините на кои функционираат криминалните мрежи.

Според Раичевиќ, обвинителите треба да ги познаваат правилата на кривичната постапка, но и спецификите на криминалот во различни области, од трговија со дрога и оружје до здравството и образованието. Таа порача дека изборот може да биде пресвртница за институцијата и дека на чело треба да застане личност со професионален авторитет.

Искра Хаџи-Василева предложи работењето на Обвинителството да се темели на четири столба: ажурност, финансиски истраги, дигитализација и транспарентност, со цел враќање на довербата на јавноста.

Таа се заложи за приоритетно постапување по предмети од јавен интерес, поголема примена на спогодувањето и користење на вештачката интелигенција за задачи како превод и олеснување на секојдневната работа на обвинителите.

„Мора да размислуваме како ќе ја водиме борбата против корупцијата“, порача Хаџи-Василева, нагласувајќи дека корупцијата меѓу јавните функционери е прашање што директно ги засега граѓаните.

Јован Цветановски се заложи за поефикасна соработка со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа, како и за формирање заеднички тимови што ќе работат на кривични и финансиски истраги истовремено.

Меѓу неговите приоритети се утврдувањето на текот на парите, раното замрзнување на имотот и истрагите поврзани со киберкриминалот и криптовалутите. Тој најави и попис на предметите, процена на кадровските капацитети на истражниот центар и воспоставување интерни протоколи за обезбедување имот.

Цветановски се заложи и за поголема транспарентност во работата, вклучително и во однос на одлуките што ги носат јавните обвинители.

„Предметот мора да се гради со докази, а не со мислење“, рече Цветановски, додавајќи дека обвинителот мора да одговара за сопствената работа.

Излагањата на петтемина кандидати покажаа дека финансиските истраги, одземањето на незаконски стекнатиот имот и јакнењето на институционалните капацитети се меѓу главните приоритети за идното раководство на ОЈО ГОКК. Разликите во нивните програми се однесуваат на пристапот кон организацијата на работата, дигитализацијата, транспарентноста и професионалната независност, а конечниот избор ќе го направат јавните обвинители на 28 октомври.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни