Свет

Хрватски борбен авион пресретнал патнички авион од Малта по сигнал за можно киднапирање

Хрватски борбен авион пресретнал патнички авион од Малта по сигнал за можно киднапирање

Хрватски борбен авион „Рафал“ денеска пресретнал патнички авион од Малта над подрачјето на Кореница, откако на леталото бил регистриран транспондерски код што укажува на можно киднапирање. Операцијата била спроведена во рамките на системот на НАТО за воздушен надзор и заштита, а според хрватското Министерство за одбрана, ова е прво вакво пресретнување во реални услови со хрватските „Рафали“.

Акцијата започнала по наредба на Заедничката воздушна команда на НАТО во Торехон, која побарала полетување на борбен авион со цел визуелна идентификација на патничкото летало.

Хрватскиот „Рафал“ воспоставил радиоврска со авионот, го идентификувал и во 11:18 часот го придружувал во воздушниот простор меѓу Риека и Делнице, сè до напуштањето на хрватскиот воздушен простор. Две минути подоцна, во 11:20 часот, цивилниот авион влегол во воздушниот простор на Словенија.

Според информациите од центарот за известување на командата во Италија, на транспондерот на патничкиот авион бил поставен кодот 7500, кој се користи за сигнализирање киднапирање на летало.

Авионот летал од Грција кон Германија. Германските медиуми објавија дека најверојатно станува збор за „Боинг 737-800“ на авиокомпанијата „Корендон ерлајнс“, дел од турско-холандската туристичка група „Корендон туризам груп“.

Во меѓувреме, аеродромот во германскиот град Нирнберг бил привремено затворен поради сомнеж за вонредна состојба во воздушниот сообраќај. Портпарол на полицијата соопштил дека затворањето се случило непосредно пред планираното слетување на авион што пристигнувал од грчкиот остров Крф.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни