Папата Лав XIV се опоравува по операцијата во Рим, откако лекарите потврдиле дека израстокот откриен на неговото десно белодробно крило бил канцероген. При хируршкиот зафат му бил отстранет долниот лобус на десното белодробно крило, соопшти Ватикан.
Седумдесет и едногодишниот папа бил опериран во болницата „Џемели“, откако промената била откриена при рутински прегледи, пренесува Хина.
Операцијата траела околу 90 минути и поминала успешно, без компликации. Според соопштението на Ватикан, патолошката дијагноза потврдила аденокарцином на белите дробови, на кој лекарите се сомневале и пред интервенцијата.
По операцијата, папата се разбудил и бил префрлен во својата болничка соба, каде што продолжува да закрепнува.
Аденокарциномот е вид рак на белите дробови што често се јавува и кај луѓе кои никогаш не пушеле.
Според претходните најави од Ватикан, закрепнувањето би требало да трае околу една недела. Поради здравствената состојба, сите јавни активности на папата се откажани до 20 октомври.
Ова е првиот сериозен здравствен проблем со кој се соочува Лав XIV во 17-те месеци од почетокот на неговиот понтификат.