Македонија

Барбов: Не знаев дека Ива Михајлова е гонета за сообраќајката, Бугарија ја предложив како опција за лекување

Барбов: Не знаев дека Ива Михајлова е гонета за сообраќајката, Бугарија ја предложив како опција за лекување

Докторот Иван Барбов од Универзитетската клиника за неврологија тврди дека не знаел оти Ива Михајлова е гонета за сообраќајна несреќа со смртни последици, ниту дека против неа ќе се води судска постапка, кога во медицински извештај предложил можност за лекување во Бугарија. Тој нагласува дека станувало збор за една од опциите, а не за единственото решение за нејзиното лекување.

Во изјава за „Слободен печат“, Барбов посочува дека Михајлова повеќепати доаѓала на прегледи во Клиниката за неврологија, каде што примала терапија. Според него, фактот што таа имала бугарско здравствено осигурување влијаел врз неговиот предлог да се разгледа можноста за лекување во соседната земја.

Докторот вели дека не се чувствува одговорен за тоа што Михајлова заминала во Бугарија. Тој појаснува дека неговиот медицински извештај не бил дел од официјална постапка за одобрување лекување во странство, бидејќи на Клиниката не бил одржан стручен колегиум на кој би било усвоено конзилијарно мислење за доставување до надлежната комисија на Фондот за здравствено осигурување.

Директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски, за „Слободен печат“ потврдил дека побарал Државниот здравствен и санитарен инспекторат да изврши надзор во врска со лекувањето на Михајлова.

„Јас побарав, нема што да криеме. Никогаш не сме имале стручен колегиум на кој сме дале конзилијарно мислење кое би морало да биде испратено до Комисијата на ФЗОМ за лекување во странство. Нас такво барање од Ива Михајлова не ни има стигнато воопшто“, изјавил Божиновски.

Медицинскиот извештај од Барбов се најде во центарот на јавноста откако беше објавен документ од системот „Мој термин“ со препорака за лекување во странство. Во него била предложена терапија со баклофенска или дуодопа пумпа, со образложение дека овие методи не се применуваат во земјава и дека лекување може да се разгледа во соседни држави, меѓу кои Бугарија и Турција.

Извештајот, според објавените информации, не бил прифатен од судот како конзилијарно мислење за лекување во странство.

Случајот предизвика и политички реакции. ВМРО-ДПМНЕ побара истрага од надлежните институции, а портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, го посочи Барбов како автор на медицинскиот извештај и ја доведе во прашање неговата улога. Барбов, пак, на социјалните мрежи објави: „Јас само лекувам пациенти, не сум пуштил никого да избега…“

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи ги утврдува околностите под кои Михајлова ја напуштила Македонија, иако, според објавените информации, ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош и била ставена на „стоп-листа“ на граничните премини. Од МВР информирале дека и Одделот за внатрешна контрола презема активности за утврдување на случајот.

Михајлова е обвинета за сообраќајна несреќа во која загина градежниот работник Бесим Дурмиши од скопското село Љуботен. Според претходно објавените информации, таа последен пат била забележана во Македонија на 10 октомври во Кочани, а ден подоцна се појавила пред болницата „Пирогов“ во Бугарија.

За неа е издадена меѓународна потерница, а доколку се врати во Македонија, ѝ е определен притвор. Случајот предизвика и дипломатски реакции, откако македонското Министерство за надворешни работи најави дека ќе ги извести европските институции, а бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков бил повикан на разговор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Марина Малиш Саздовска 13.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни