Понатамошното лекување на повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, вклучително и сложените операции што им претстојат на дел од нив, ќе биде тема на средба меѓу министерот за здравство Сашо Клековски и повредените, планирана за следната недела.
Клековски најави дека во наредните денови ќе бидат финализирани деталите за следната фаза на лекување, по средбите со здравствените власти во Србија и Бугарија.
Тој информираше дека во понеделникот престојувал во Белград, каде што разговарал со српскиот министер за здравство Златибор Лончар. За следниот понеделник најави посета на Софија, каде што ќе има средба со бугарската министерка за здравство.
„Во понеделникот бев во Белград и имав средба со министерот Лончар за да ги прецизираме деталите. Следната недела, в понеделник, ќе бидам во Бугарија на средба во Софија со нивната министерка. Очекувам со тоа да ги финализираме ставовите за следната фаза на лекување на повредените од Кочани“, изјави Клековски по посетата на штипската болница.
Министерот најави дека планира и посета на Кочани, каде што ќе се сретне со повредените и ќе ги информира за договорениот план и следните чекори во нивното лекување.
Средбите со здравствените власти во регионот треба да помогнат во прецизирањето на организацијата на понатамошната медицинска грижа, особено за пациентите на кои им претстојат сложени оперативни зафати.