Полициски службеник е осомничен дека надвор од работното време, во два наврати, испукал повеќе куршуми во воздух од службениот пиштол што го задолжил. Инцидентите се случиле на 1 август 2026 година, пред угостителски објект и на плоштадот во Кратово.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово против М. Н., поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ според член 288 од Кривичниот законик.
Како што е наведено во полицискиот билтен, пријавениот е вработен во Одделот за специјални полициски операции при МВР, а оружјето со кое пукал го задолжил во рамки на службените обврски.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.
Предвидено е и изрекување задолжителна мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, односно суспензија.