Австралискиот музички бенд Fathom постави нов Гинисов рекорд, одржувајќи девет концерти во девет различни градови за само 12 часа. Музичарите поминале околу 700 километри, патувајќи со автомобил, хеликоптер и авион, а нивниот необичен потфат имал и хуманитарна цел.
Музичкото дуо од Сиднеј, составено од Кејт Гиргис и Џексон Италијано, успеало да го собори светскиот рекорд за најголем број концерти одржани во различни градови во период од 12 часа.
Нивната музичка авантура се одвивала на 12 септември, кога настапиле во девет австралиски градови, почнувајќи од Синглтон, преку Њукасл, Госфорд, Сиднеј и други градови, до завршниот концерт во Канбера.
За рекордот да биде признаен, музичарите морале да исполнат строги услови на Гинисовата книга на рекорди. Секој концерт требало да се одржи во град со повеќе од 15.000 жители, локациите да бидат оддалечени најмалку 50 километри, а најмалку половина од градовите да имаат над 100.000 жители.
Секој настап траел најмалку 15 минути, по што музичарите веднаш продолжувале кон следната дестинација.
Патувањето било исполнето со непредвидени проблеми. Сообраќајни метежи, доцнење на хеликоптер и технички проблем со авион сериозно го загрозиле нивниот обид.
Во еден момент, хеликоптерот со кој требало да патуваат бил ангажиран за гаснење шумски пожари, поради што морале да чекаат дополнителни 30 минути. Подоцна, при полетување со мал авион, се појавил проблем со еден од пропелерите, па патувањето продолжило со друго летало.
И покрај сите пречки, дуото успеало да го заврши последниот концерт во Канбера со само 15 секунди преостанато време.
„Беше навистина неизвесно до последниот момент“, изјавил Италијано, раскажувајќи за необичното искуство.
Но, поставувањето рекорд не било единствената цел на музичарите.
Бендот соработувал со австралиската организација Beyond Blue, која обезбедува поддршка за лица со проблеми со менталното здравје. Половина од приходите од продажбата на билети и промотивни производи биле наменети за хуманитарни цели.
Музичарите сакале истовремено да го привлечат вниманието кон предизвиците со кои се соочуваат независните артисти и локалната музичка сцена.
Нивниот подвиг во меѓувреме доби и официјална потврда од Гинисовата книга на рекорди, каде што деветте концерти се заведени како нов светски рекорд во категоријата најмногу концерти во 12 часа во различни градови.