Македонија

Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов

Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов

СВР Струмица поднесе кривична пријава против три лица поради сомневање за злоупотреби при легализација на бесправно изграден објект во селото Куклиш. Меѓу пријавените се К.К. (36), кој во времето на настаните бил градоначалник на Општина Струмица, и С.Р. (38), тогашна раководителка на Секторот за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште.

Тие се сомничат за „злоупотреба на службена положба и овластување“, додека Ј.П. (60) од Битола, тогашен управител на правно лице кое сега е ликвидирано, е пријавен за „фалсификување исправа“. Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Струмица.

Според полицијата, во 2022 година К.К. и С.Р. овозможиле легализација на бесправно изграден објект, откако со елаборат со невистинита содржина биле избришани од катастарската евиденција објекти во сопственост на Општина Струмица.

Од МВР наведуваат дека С.Р. побарала од Ј.П. да изготви елаборат за бришење објекти на катастарска парцела во Куклиш, за парцелата да добие чист имотен лист. Ј.П., според пријавата, изготвил елаборат и технички извештај во кои невистинито било наведено дека на теренот не постојат објекти. Документите потоа биле употребени за бришење на општинските објекти изградени на државно земјиште.

Со ваквата постапка, според сомневањата на полицијата, на Т.Ј. од Куклиш му била овозможена противправна имотна корист. Тогашниот градоначалник издал решение за легализација на објект со намена стовариште, со внатрешна површина на деловниот простор од 161 квадратен метар.

Полицијата наведува дека постапката му овозможила на Т.Ј. и откуп на земјиштето под објектот, како и стекнување сопственост врз државно земјиште со површина од 866,46 квадратни метри.

Во пријавата се посочува и дека тогашниот градоначалник и раководителката не ги зеле предвид претходните судски постапки. Според МВР, во 2016 година Вишиот управен суд ја одбил жалбата на Т.Ј., со што останало одбиено неговото барање за легализација, бидејќи на парцелата имало објект во сопственост на Општина Струмица.

Во 2019 година, според полициското соопштение, со друга пресуда било потврдено дека Т.Ј. изградил објект без соодветно одобрение за градење. Овластен градежен инспектор при Општина Струмица му издал и решение со кое му наредил да ја отстрани градбата.

Наспроти тоа, според сомневањата наведени во кривичната пријава, тројцата пријавени овозможиле корист за Т.Ј., на штета на Општина Струмица и државата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни