Полесен пристап до терапијата и помалку патувања до Скопје за пациентите со мултиплекс склероза – Министерството за здравство ги објави протоколите со кои се овозможува дисперзирање на терапијата во регионалните здравствени установи. Во првата фаза, лекувањето ќе се организира во Клиничката болница Штип, Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид и Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека на Универзитетската клиника за неврологија се водат околу 2.000 пациенти со мултиплекс склероза, од кои приближно 1.800 активно се лекуваат. Бројот на новодијагностицирани пациенти продолжува да расте, а само во текот на 2025 година биле регистрирани 115 нови случаи.
Во моментов, 835 пациенти од 48 општини примаат имуномодулаторна терапија што е опфатена со новиот модел. Од нив, 491 пациент живее надвор од скопскиот регион и досега морал да патува до главниот град за да ги подигне или прими лековите.
Според Клековски, ваквата организација претставува дополнителен финансиски и физички товар за пациентите, особено за оние на кои им е потребна придружба при патувањето.
„Децентрализацијата овозможува да се опслужат повеќе пациенти без Клиниката да стане тесно грло“, посочи министерот, додавајќи дека годинава буџетот за лекови за мултиплекс склероза достигнал рекордни 451 милион денари.
Тој оцени дека новиот модел ќе им донесе придобивки и на пациентите и на здравствените работници во регионалните болници, а искуството од неговото спроведување може да се искористи и во други области, меѓу кои и онкологијата.
Десет лекови опфатени со дисперзијата
Директорот на Универзитетската клиника за неврологија, Јован Божиновски, посочи дека воведувањето на дисперзираната терапија е одговор на долгогодишните барања на Здружението за борба против мултиплекс склероза.
Со новиот правилник се утврдуваат лековите што ќе бидат достапни преку регионалните центри, нивните надлежности, условите за работа и начинот на спроведување на терапијата.
Дисперзијата опфаќа десет лекови, поделени во две групи. Првата ги вклучува интерфероните, глатирамер ацетат и оралните лекови диметил фумарат, терифлуномид и кладрибин. Овие лекови пациентите ќе можат да ги подигаат еднаш месечно од болничките аптеки во регионалните центри.
Втората група ги опфаќа лековите окрелизумаб, натализумаб и офатумумаб, во субкутална форма, кои ќе ги аплицира медицинско лице во соодветниот центар.
Започнувањето на терапијата и првата доза остануваат во надлежност на Клиниката за неврологија. Таму пациентите ќе ја добијат потребната обука и ќе потпишат согласност, по што следните дози ќе можат да ги примаат во избраниот регионален центар. Редовните контроли ќе се спроведуваат на секои шест или 12 месеци, со можност за дигитални конзилиуми.
Кои региони ќе бидат опфатени?
Во првата фаза, здравствените установи ќе ги преземат пациентите според следната распределба:
- Клиничката болница Штип ќе ги покрива источниот, југоисточниот и вардарскиот регион, каде што се очекува да бидат опфатени околу 128 пациенти.
- Специјалната болница „Св. Еразмо“ – Охрид ќе ги опслужува југозападниот регион и Битола, со околу 146 пациенти.
- ГОБ „8-ми Септември“ – Скопје ќе ги преземе пациентите од Скопје, односно околу 344 лица.
Со оваа распределба, 618 пациенти, или 74 проценти од опфатените, ќе можат да ја добиваат терапијата во регионалните центри. Со вклучување на пациентите од граничните општини, кои самостојно ќе можат да изберат каде ќе се лекуваат, бројот може да достигне 692 пациенти, односно 83 проценти.
Од Министерството посочуваат дека преминот кон дисперзирано лекување е доброволен. Пациентите ќе бидат префрлени во регионален центар само по потпишување писмена согласност. Оние што ќе одлучат да останат на Клиниката за неврологија во Скопје ќе продолжат да ја добиваат терапијата без никакви последици врз нивното право на лекување.
За да се обезбеди безбедно спроведување на терапијата, секоја болница ќе треба да назначи одговорен невролог, фармацевт и обучени медицински сестри, да води евиденција за секоја доза и да ги пријавува несаканите реакции во рок од 24 часа.
Клиниката за неврологија, пак, ќе продолжи да биде одговорна за набавката на лековите, одлучувањето за терапијата на секој пациент преку Комисијата за имуномодулаторна терапија, фактурирањето кон Фондот за здравствено осигурување и надзорот над регионалните центри најмалку еднаш годишно.