Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица, државјани на Република Турција кои како соизвршители учествувале во дејствија на кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Едниот од нив со дејствија на помагање, ги одвел другите двајца, им ја покажал точната локација и шифрата од влезот на зграда на улицата “Прашка”, каде престојувале други двајца турски државјани.
Осомничените влегле во станот и со повеќе убоди со нож со умисла се обиделе да го лишат од живот еден од оштетените. Другиот се обидувал да ги оттргне, но и тој бил повреден во раката.
Потоа сите тројца осомничени се обиделе веднаш да ја напуштат државата преку граничниот премин Блаце. Двајца биле запрени и приведени и за нив е поднесен предлог за определување мерка притвор. Еден од осомничените, односно помагачот, според информациите од граничните власти, успеал да избега на Косово и за него надлежниот јавен обвинител предложи притвор од пронаоѓање и лишување од слобода, а со цел за него да биде распишана меѓународна потерница.