Франција се соочува со сериозни немири по масовните демонстрации против зголемените трошоци за живот и лошите услови во училиштата. Во судирите со полицијата биле уапсени најмалку 1.800 лица, додека повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари биле повредени, соопштија надлежните служби.
Поради ескалацијата на ситуацијата, францускиот претседател Емануел Макрон за попладнево свика итен состанок со високи државни претставници. Од неговиот кабинет најавија дека во 20 часот ќе ѝ се обрати на нацијата.
Според полицијата, маскирани групи за време на протестите подметнувале пожари и напаѓале јавни објекти, меѓу кои и згради на општинските власти во неколку градови. Само во парискиот регион биле уапсени 855 лица.
Околу 550.000 луѓе учествувале на демонстрациите низ земјата, според официјалните податоци. Организаторите, пак, тврдат дека бројот на учесници достигнал околу 800.000.
Едно лице починало од срцев удар, информирале од париската полиција, без да соопштат дополнителни детали за околностите.
Последиците од немирите биле видливи и на плоштадот „Република“ во Париз, каде што биле забележани искршени излози, парчиња стакло и извадени коцки од калдрмата. За да ги растера демонстрантите, полицијата употребила солзавец и водени топови.
Протестите се резултат на незадоволството поради растот на трошоците за живот, но и состојбите во образованието. Во изминатите недели, стотици илјади ученици излегле на улиците поради недостигот на наставници и лошите услови во средните училишта.
Кон нив се приклучиле и синдикати и други групи, меѓу кои и движењето „Жолти елеци“, познато по претходните протести против поскапувањата и падот на животниот стандард.
Се очекува вечерното обраќање на Макрон да даде појасна слика за следните чекори на француските власти во справувањето со кризата.