Македонија

Контроли во 66 угостителски објекти и казина: Малолетници по полноќ, точење алкохол и непријавени работници

Контроли во 66 угостителски објекти и казина: Малолетници по полноќ, точење алкохол и непријавени работници
Фото: 4news.mk

Контролите на полицијата и надлежните инспекциски служби во угостителските објекти и казината открија низа неправилности, меѓу кои точење алкохол на малолетници, присуство на малолетни лица по полноќ и работење без потребните дозволи. Во акцијата, спроведена во текот на ноќта меѓу 17 и 18 октомври, биле опфатени вкупно 66 објекти.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициските службеници легитимирале 38 лица, извршиле преглед на 61 лице и едно патничко возило, а го утврдиле идентитетот на 31 лице.

При контролите било откриено лице кое вршело дејност обезбедување без лиценца и легитимација, додека во друг објект бил нарушен јавниот ред и мир. За прекршување на Законот за заштита од пушење биле изречени три глоби.

Едно лице било приведено поради одбивање да се легитимира, а три странски државјани биле приведени поради нерегулиран престој во државата. Дополнително, во еден угостителски објект биле затекнати четири малолетни лица по полноќ, додека во два објекти било констатирано точење алкохол на малолетници.

Во рамки на полициските активности, на патот во близина на селото Мажучиште, прилепско, бил запрен возач кој управувал моторно возило под дејство на алкохол. Алкотестот покажал 2,04 промили алкохол во крвта, по што лицето било лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.

Активности биле спроведени и во Кичево, каде што полициски службеници од ОВР Кичево извршиле претрес на локација на која незаконски се приредувале игри на среќа. Притоа биле затекнати две лица и биле одземени предмети поврзани со случајот. По целосно документирање на настанот, ќе следува соодветна пријава.

Во акцијата учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Инспекциските служби констатирале неправилности што се однесуваат на непријавени работници, работење без потребните одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност и промет во девизи. Утврдени биле и недостатоци во хигиенските услови и противпожарната заштита, поради што биле преземени соодветни мерки и санкции.

Од МВР најавуваат дека ќе продолжат засилените и координирани контроли во угостителските објекти и казината, во соработка со надлежните институции, со цел откривање и санкционирање на незаконските дејствија, почитување на законите и зголемување на безбедноста на граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни