Австриски државјанин кој не бил во авионот пријавил закана со бомба, што довело до пренасочување на летот на „Аустријан ерлајнс“ од Тел Авив до Виена во Софија, објави весникот „Хаарец“.
Авионот што синоќа изврши итно слетување во Софија поради закана од бомба полета од аеродромот „Васил Левски“ кратко пред 3 часот утрово.
Во неделата, бугарските воздухопловни сили кренаа борбен авион МиГ-29 за да го придружат патничкиот авион. Сигналот за експлозивна направа беше примен кога авионот се приближуваше кон Романија, објави бугарското Министерство за транспорт.
Патниците биле евакуирани веднаш по слетувањето. Според првичните информации, во авионот имало 6 членови на екипажот и 51 патник.
Портпаролот на „Аустријан ерлајнс“ потврди дека авионот на авиокомпанијата, кој летал помеѓу Тел Авив и Виена, а кој вечерва итно слета во Софија, бил пренасочен откако била примена закана против авионот.