Балкан

Глисер со мигранти се преврте во близина на грчкиот остров Лезбос, меѓу загинатите и едно бебе

Глисер со мигранти се преврте во близина на грчкиот остров Лезбос, меѓу загинатите и едно бебе

Трагична поморска несреќа во близина на грчкиот остров Лезбос однесе шест животи, меѓу кои и животот на едно бебе. Глисер со мигранти што тргнал од Турција се судрил со пловило на грчката крајбрежна стража, по што се превртел, пренесува „Ројтерс“.

Несреќата се случила рано утринава, на околу 3,5 наутички милји од брегот на островот. Спасувачките екипи од морето ги извлекле телата на четворица мажи, една жена и едно дете.

Осум лица ја преживеале несреќата и биле пренесени во болница. Меѓу нив е и 37-годишен турски државјанин, кој е уапсен под сомнение дека управувал со глисерот и го организирал транспортот на мигрантите.

Точните околности за судирот сè уште се истражуваат. Според првичните информации, предниот дел на глисерот удрил во левата страна на пловилото на крајбрежната стража.

Грчкиот министер за поморски прашања, Василис Кикилиас, ги обвини криумчарите на луѓе за трагедијата и порача дека владата ќе спроведува политика на нулта толеранција кон ваквите активности.

„Нашиот став е јасен – нулта толеранција за криумчарите“, изјави Кикилиас во објава на социјалната мрежа Икс.

Грција е една од главните влезни точки во Европската Унија за мигрантите и бегалците од Блискиот Исток, Африка и Азија. Земјата беше во центарот на мигрантската криза во Европа во 2015 и 2016 година, кога на грчките острови пристигнаа речиси еден милион луѓе, главно преку Турција.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни