Македонија

Судење за „Пулс“: Обвинителството отвори прашање за вештакот Русески и обвинението за лажен исказ

Судење за „Пулс“: Обвинителството отвори прашање за вештакот Русески и обвинението за лажен исказ
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Вкрстеното испитување на вештакот ангажиран од одбраната во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжи со прашања од Обвинителството за неговите претходни ангажмани и за границите на неговото градежно вештачење. Петре Русески изјави дека не гледа основа за негово изземање, а остана на ставот дека од градежен аспект објектот одговорил на својата намена и дека изведените зафати биле градежно-занаетчиски работи.

Обвинителката Наташа Сарамандова на почетокот на рочиштето го праша Русески дали смета дека постојат причини да биде изземен, посочувајќи дека Обвинителството проверува дали против вештаците што ги ангажира се водат постапки или имаат правосилни осуди. Таа отвори прашања и за неговата претходна соработка со други вешти лица.

Обвинителството посочи дека Русески претходно изработувал вештачење на барање на обвинетите Николчо Коцев и Љупчо Стаменков, во кое учествувала и била потпишана Василка Каевска. На прашањето дали Каевска, заедно со Коцев и Мирослав Грчев, изготвувала вештачења и за „Инкс дрим“ АД Струга, произнесувајќи се за материја поврзана со неговиот ангажман во овој предмет, Русески одговори потврдно.

„Да, така е. Сите работиме под закон… Инаку, 11 вештаци се обвинети за лажен исказ врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што две години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен“, изјави Русески.

Тој појасни дека архитектката Василка Каевска работела со него за полесно да одговорат на прашањата поставени од барателите на вештачењето, додека геодетот Инает Ертани бил ангажиран како консултант со советодавна улога.

Одбраната реагираше на начинот на кој се поставуваат прашањата, оценувајќи дека вештакот е изложен на малтретирање и навреди. Според одбраната, Обвинителството не располага со прашања со кои би ги поткрепило своите наводи.

Во продолжението на рочиштето, јавниот обвинител Дарко Јакимовски се осврна на делови од градежното вештачење за првообвинетиот Дејан Јованов. Во него Русески навел дека во објектот биле исполнети основните минимални технички услови за вршење угостителска дејност – кабаре, како и дека биле извршени интервенции со преградни ѕидови.

Во друг дел од вештачењето, меѓутоа, се наведува дека за оценување на противпожарната функционалност, евакуацијата, електричната инсталација, машинската вентилација, паничното осветлување и другите безбедносни услови е потребна процена од соодветни овластени стручни лица или надлежни органи. Русески потврдил дека неговото мислење е ограничено на градежно-архитектонскиот аспект на објектот.

Тој изјави дека, од градежен аспект, конструкцијата и материјалите во објектот не придонеле за пожарот, но посочи дека за утврдување на влијанието на материјалите врз ширењето на огнот е потребно да се испита како реагирала градбата.

„Од мој градежен аспект објектот и материјалите во него не придонеле и не била надмината неговата противпожарна околност и целосно одговорил на својата намена. Од градежен аспект нема последици врз пожарот“, рече Русески.

На прашањето дали внатрешното уредување и организацијата на просторот се дел од градежниот аспект, вештакот одговори дека станува збор за градежно-занаетчиски работи. Тој се согласи со ставот на професорката Мирјана дека немало адаптација, ниту реконструкција во градежна смисла, туку внатрешно ентериерно уредување.

На забелешката на Обвинителството дека Законот за градење не го дефинира терминот „градежно-занаетчиски работи“, Русески одговори дека за таквите работи не биле потребни одобрение, овластување и лиценци, иако терминот се користел во стручната практика.

Вештачењето на Русески и неговите тврдења дека биле исполнети условите за работа во објектот предизвикаа реакции и на претходното рочиште, како кај Обвинителството така и кај семејствата на загинатите.

Александар Наунов, родител на една од жртвите, претходно изјави дека градежните зафати не можат да се третираат како обични занаетчиски работи за да се избегне одговорноста за градење без одобрение. Тој нагласи дека судскиот процес не се однесува само на градежните конструкции, туку и на безбедноста, одговорноста и загубените човечки животи.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Процесот продолжува со изведување докази предложени од одбраната.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни