Македонија

МНР реагира до Бугарија за изјавите за Михајлова

МНР реагира до Бугарија за изјавите за Михајлова

Министерството за надворешни работи го повикало вршителот на работи во Амбасадата на Бугарија за да му пренесе реакција на изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и на амбасадорот Жељаско Радуков во врска со случајот со Ива Михајлова.

Изјавата на Демерџиев била оценета како „навредлива и провокативна“, додека настапот на Радуков за бугарската телевизија БТВ, според македонското МНР, претставува „директно мешање во внатрешните работи“ на државата.

На средбата било нагласено дека ваквите настапи „го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“.

Реакцијата следува откако Демерџиев во интервју пред два дена изјавил дека бугарските власти не ја бараат Михајлова и немаат намера да ја предадат на македонските власти.

Радуков, пак, во вчерашната изјава за БТВ изразил сомнеж дека Михајлова ја напуштила Македонија без знаење на властите, но нагласил дека не може да го потврди тоа.

Во меѓувреме, Министерството за правда сè уште чека службена информација од бугарските власти за нејзино лоцирање или приведување. Во изјавата пренесена во прилогот се наведува дека по добивањето таква информација ќе се постапи во рамките на уставните и законските надлежности за екстрадиција.

Според објавените информации, Михајлова ја напуштила државата и покрај изречените мерки на претпазливост. Кочанскиот суд ѝ одредил 30-дневен притвор, а за неа била распишана и меѓународна потерница. Таа е обвинета во постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни