Златен накит вреден околу четири милиони денари се обидел да прошверцува сопственик на златарница од Тетово, криејќи го во перница за врат. Накитот бил откриен и запленет од царинските службеници на граничниот премин Богородица, а против осомничениот е поднесена кривична пријава за криумчарење.
Случајот бил откриен при контрола на автобус кој сообраќал на релацијата Истанбул – Гостивар. Иако патниците биле прашани дали имаат стока за пријавување, никој не пријавил ништо, по што царинските службеници извршиле детален преглед.
При контролата, во внатрешноста на перницата за врат што ја носел тетовчанецот биле пронајдени 77 парчиња златен накит, со вкупна тежина од 612 грама.
Според доказите обезбедени во предистражната постапка на Одделението за истраги, осомничениот го купил накитот од златарска работилница во Истанбул, по што имал намера нелегално да го внесе во земјава и да го продава во сопствената златарница.
Против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво согласно Кривичниот законик.
Од Царинската управа посочуваат дека продолжуваат со активностите за заштита на финансиските интереси на државата и спречување на нелегалната трговија, со цел создавање услови за фер конкуренција и еднакви правила за сите учесници на пазарот.