Првите нови амбулантни возила веќе се на улиците во Скопје, со што започнува реализацијата на проектот за набавка на вкупно 100 возила за потребите на македонското здравство. Информацијата ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски, кој преку објава на социјалните мрежи сподели видео од возилата.
„Од денес достапни за граѓаните. Почнува реализацијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила во македонското здравство“, напиша Мицкоски.
За денеска е најавена и официјална промоција на проектот, на која ќе присуствува премиерот, кој ќе даде изјава за медиумите. Настанот ќе се одржи на паркингот кај спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
Набавката на 100-те нови амбулантни возила е дел од најавените активности за модернизација на здравствениот систем и подобрување на условите за обезбедување здравствени услуги за граѓаните.