Македонија

Клековски во Кочани разговараше со повредените од „Пулс“ за натамошното лекување

Клековски во Кочани разговараше со повредените од „Пулс“ за натамошното лекување

Продолжува институционалната поддршка за повредените во пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, а во фокусот е обезбедувањето соодветна здравствена грижа и натамошно лекување според индивидуалните потреби на пациентите. Министерот за здравство Сашо Клековски синоќа во Кочани се сретнал со дел од повредените, со кои разговарал за нивната здравствена состојба и следните чекори во процесот на закрепнување.

Клековски за средбата информираше преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, посочувајќи дека државата е подготвена да им помага на повредените и во долг временски период.

„Ги најавив можностите и следните чекори“, наведува министерот.

На средбата присуствувале и д-р Катерина Мирчовска и д-р Гордана Георгиева, членки на работната група на Министерството за здравство, која има задача да ги проценува потребите на пациентите, да советува, да ги организира и да ги следи нивните третмани.

Според Клековски, работата на оваа група е основа за организирање здравствена грижа приспособена на состојбата и потребите на секој од повредените. На средбата присуствувал и градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.

Средбата следува по најавите на министерот дека се разгледуваат можностите за натамошно лекување на повредените и преку соработка со здравствените власти во соседните земји. Клековски претходно најави консултации во Белград и Софија, со цел да се прецизираат деталите за продолжување на третманите.

Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во кабарето „Пулс“ во Кочани беа повредени повеќе од 200 лица.

Во меѓувреме, Министерството за здравство информираше дека Клековски и неговата бугарска колешка Катја Ивкова потпишале план за соработка меѓу министерствата за здравство на Македонија и Бугарија за периодот од 2026 до 2028 година.

Планот опфаќа соработка во примарната и специјализираната медицинска заштита, болничкото лекување, превенцијата и контролата на заразните и незаразните болести, епидемиолошкиот надзор, медицинската статистика и електронското здравство. Предвидена е и соработка при организирање здравствен одговор во вонредни состојби.

Од Министерството посочуваат дека договорот треба да придонесе за размена на знаења и добри практики, како и за подобрување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни