Со нова реформа во Министерството за одбрана и Армијата, трајно се решава деценискиот статус на професионалните војници кои ќе навршат 45 години возраст. Новата мерка им овозможува на војниците да останат во Армијата преку трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, како цивилен персонал.
Оваа одлука беше донесена на владина седница, а решението е плод на заеднички dogовор меѓу Министерството за одбрана, Генералштабот и синдикалните здруженија.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека со ова решение македонските професионални војници конечно добиваат сигурност за својата иднина.
„Остануваат сите опции како и досега – испратнина од две просечни плати или трансфер во друга државна институција, но со оваа реформа правиме решение секој професионален војник да може да остане како цивилно лице во Армијата“, изјави Мисајловски.
Тој додаде дека ова е целосно ново решение, надвор од Колективниот договор за кој сè уште се преговара, но најави дека наскоро следат нови убави вести за вработените, вклучително и зголемување на платите.
- Исти месечни примања: Платите и сите додатоци остануваат непроменети.
- Исти услови за пензија: Заминувањето во пензија ќе се одвива согласно Законот за служба и Колективниот договор.
- Локација по избор: Вработените ќе имаат можност да останат во касарните во кои работеле и досега.
- Брза трансформација: Работниот однос се трансформира веднаш, односно следниот ден по навршувањето на 45 години.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, посочи дека со ова се решава горливо прашање што се провлекува повеќе од 15 години. Со реформата, професионалните војници кои ќе го трансформираат односот ќе ја преземат обврската за обезбедување на имотот и лицата во касарните и гарнизоните — задача која досега беше дополнително оптоварување за редовните армиски единици.
„Не постои подобар персонал од професионалните војници за извршување на оваа задача. Тоа е заеднички став на сите генерали и команданти во Армијата“, нагласи генерал Лафчиски.
Според проценките, од следната година околу 100 војници ќе ја искористат оваа можност, а армиската структура е димензионирана да го апсорбира секој заинтересиран војник во наредните пет години (проценети околу 500 лица).
Запросен за најавениот протест на еден од синдикатите, министерот Мисајловски истакна дека секој има демократско право на протест, но нагласи дека за зад ова решение стојат синдикатите кои претставуваат 99,9 проценти од сите вработени во одбраната. Тој порача дека фокусот останува на реално решавање на децениските проблеми на војниците.