Македонија

Герасимовски признава дека „Треска“ не е идеално урбанистички испланирана: Баравме нов план, но добивме негативно мислење

Герасимовски признава дека „Треска“ не е идеално урбанистички испланирана: Баравме нов план, но добивме негативно мислење

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, признава дека просторот на поранешната фабрика „Треска“, каде што се градат нови станбени објекти, не е идеално урбанистички испланиран. Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој откри дека општината се обидела да изработи нов детален урбанистички план за овој дел од Центар, но иницијативата не добила позитивно мислење од Град Скопје.

На директното прашање дали смета дека просторот на „Треска“ е правилно урбанистички испланиран, Герасимовски одговори негативно, објаснувајќи дека уште на почетокот на неговиот мандат се воделе разговори за поинакво урбанистичко решение.

Според него, по укинувањето на мораториумот за градба, сопствениците на земјиштето почнале да бараат реализација на своите градежни права, по што општината иницирала повеќе состаноци и дискусии.

„Од моја страна и од мојот тим беше побарано да се одвои само тој дел од Буњаковец и да се направи нов детален план само за делот на ‘Треска’“, изјави Герасимовски.

Тој објасни дека урбанистите и планерите предлагале поинаков концепт на изградба, со повисоки објекти, но со повеќе слободен простор меѓу нив, кој би се искористил за зеленило и дополнителни содржини за граѓаните.

„Урбанистите и планерите даваа предлози да се оди во висина, а да се ослободи појасот за повеќе зеленило, повеќе социјални содржини“, рече градоначалникот.

Според неговото објаснување, за ваквиот пристап била постигната согласност и со сопствениците, но по одреден период од Град Скопје пристигнало негативно мислење.

Како причина, според Герасимовски, било наведено тоа што во тек била постапката за донесување на новиот Генерален урбанистички план на Скопје.

„Од страна на Градот добиваме негативно мислење, поради тоа што во процедура било носењето на Генералниот план и тие не се во можност да ни излезат во пресрет“, објасни тој.

Градоначалникот посочи дека законската регулатива ги ограничува можностите на општината да интервенира во урбанистичките решенија, поради што во одреден момент мора да се постапува согласно постојните планови.

Во интервјуто беше отворено и прашањето дали постојната сообраќајна инфраструктура ќе може да го издржи зголемениот број жители, како и дали ќе има доволно зеленило, градинки и училишни капацитети.

Герасимовски објасни дека паркирањето кај новите објекти е предвидено претежно под земја, додека надворешниот простор треба да биде наменет за зеленило и детски содржини.

„Се прави подземно паркирање. Скоро сите паркинзи ќе бидат подземни. Надвор ќе има детски содржини и зеленило“, рече тој, додавајќи дека е предвидена и дополнителна сообраќајница со странични влезови.

Во однос на образовната инфраструктура, најави дека се предвидува приватна градинка, додека Општина Центар работи на зголемување на капацитетите на основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, токму поради очекуваниот раст на бројот на жители.

Герасимовски посочи дека инвеститорите, покрај своите законски обврски, се вклучуваат и во финансирање на одредени дополнителни инфраструктурни зафати во овој дел од општината.

Со тоа, и покрај започнатата изградба на новите станбени комплекси, останува отворено прашањето дали предвидените инфраструктурни и јавни содржини ќе бидат доволни за потребите на идните жители на просторот на поранешната фабрика „Треска“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни