Македонија

Герасимовски: Дебар Маало постепено ќе добива пешачки зони, се планира пробно затворање со три рампи

Герасимовски: Дебар Маало постепено ќе добива пешачки зони, се планира пробно затворање со три рампи

Дебар Маало треба постепено да добие пешачки зони, а првиот чекор ќе биде пробно затворање на еден кварт со поставување три рампи за регулирање на пристапот на возилата. Ова го најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, посочувајќи дека реализацијата на проектот зависи и од добивањето позитивно мислење од Министерството за внатрешни работи.

Одговарајќи на прашањето кога жителите на Дебар Маало ќе ги добијат најавените викенд-пешачки зони, Герасимовски откри дека општинските служби веќе разговарале за ова прашање и дека постои изработен сообраќаен проект, кој е доставен до МВР.

Според него, поради кадровски промени во Министерството, ќе бидат потребни дополнителни состаноци со надлежните за повторно разгледување на предложеното сообраќајно решение.

„Јас им наложив на нашите служби, на моите колеги, да отпочнеме таму каде што е најбезболно. Невозможно е веднаш да се затвори целото Дебар Маало, но тоа го говоревме и со колегите од МВР на состаноците коишто ги имавме, да се затвора дел по дел“, изјави Герасимовски.

Тој очекува дека ќе биде постигнат договор со МВР за започнување на проектот, при што како прва локација го посочи делот од Дебар Маало лево од улицата „Орце Николов“, при влез од „Рузвелтова“.

Градоначалникот објасни дека за овој кварт се предвидени три контролни пристапи, меѓу кои ги спомена улиците „Рузвелтова“, „Џинот“ и „Алберт Ајнштајн“.

„Со тие три рампи ќе можеме да затвориме еден кварт и тоа да биде пробно затворање, да видиме како ќе продолжиме и понатаму“, рече Герасимовски.

Тој нагласи дека првичната идеја била да се затвори поголем дел од населбата, но дека тоа е тешко изводливо поради значењето на улицата „Орце Николов“ за одвивањето на сообраќајот.

„Ние сакавме да се затвори целосно, но ‘Орце Николов’ е крвотокот на Дебар Маало и таа улица не може да се затвори. Треба да планираме како ќе ги затвораме одделните улици“, посочи тој.

Во интервјуто беше отворено и прашањето како ќе функционира пристапот за брзата помош, пожарникарите и другите итни служби во случај на интервенција.

Герасимовски уверува дека рампите нема да претставуваат пречка за интервенирањето, бидејќи е предвидена служба која постојано ќе биде на терен и ќе овозможува непречен пристап.

„Ќе имаме служба којашто ќе биде постојано на терен и нема да има никакво попречување за нивна каква било интервенција“, изјави градоначалникот.

Иако општината веќе има подготвено сообраќаен проект, Герасимовски не прецизираше датум за поставување на рампите и почеток на пробното затворање. Реализацијата останува условена од усогласувањето на проектот со надлежните институции.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни