Македонија

Лек за малигни заболувања криумчарен во кутија за прва помош, запленети 29 вијали на Богородица

Лек за малигни заболувања криумчарен во кутија за прва помош, запленети 29 вијали на Богородица

Обид за нелегално внесување лек што се користи при лекување малигни заболувања е откриен на граничниот премин Богородица. Царинските службеници заплениле 29 вијали со медицинскиот препарат „Иксџева“ (Xgeva), кои косовски државјанин, возач на автобус, се обидел да ги сокрие во кутија за прва помош.

При контролата на автобусот што влегувал во државата, во кутијата биле пронајдени 29 вијали од лекот, 29 кутивчиња и 30 самолепливи етикети, спакувани во црна најлонска кеса. Вредноста на запленетите производи е проценета на 336.000 денари.

Од Царинската управа информираат дека станува збор за медицински препарат чиј увоз е строго регулиран и за кој се потребни дозволи од надлежните институции. И транспортот на ваквите лекови подлежи на посебни стандарди.

Против осомничениот, Одделението за истраги поднело кривична пријава за кривично дело „криумчарење“, казниво според Кривичниот законик.

Од Царинската управа посочуваат дека во текот на оваа година мобилните тимови и царинските службеници на граничните премини заплениле повеќе од 30.000 парчиња лекови. Од институцијата нагласуваат дека ваквите контроли се дел од активностите за спречување нелегална трговија со медицински производи и заштита на здравјето на граѓаните.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни